Премиерот Зоран Заев го испрати папата Франциск со покана повторно да ја посети нашата земја и со подарок реплика на теракотна икона од археолошкиот локалитет Виничко кале На иконата е аплициран победничкиот крст на Византискиот император Велики Константин кој го легализирал Христијанството со Миланскиот Едикт од 313 година, соопшти владината прес-служба.
Заев во доцните попладневни часови на скопскиот аеродром учествуваше во свеченото испраќање на неговата светост папата Франциск кој денеска беше во еднодневна, историска посета на нашата земја.
„Папата Франциск, и бројната делегација на Католичката Црква и на Ватикан, ја завршија посетата со богата програмска содржина која вклучи средби со државниот врв на Република Северна Македонија, средба со сиромашни граѓани, со свештениците и верниците на Католичката црква во нашата земја, како и света литургија на која присуствуваа неколку илјади граѓани од земјата, од регионот и од повеќе европски држави“, се наведува во соопштението.