Заев: Горди сме дека судството е понезависно, а медиумите ја контролираат власта

316

Знаеме дека пред нас има долг пат за одење, кој ќе биде исполнет со макотрпна работа и силна волја. Но, гордо можеме да кажеме дека денес судството е понезависно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушкување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте, истакна премиерот Зоран Заев на денешната средба со делегацијата од Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент во Скопје, предводена од членот на комитетот, естонскиот европратеник Туне Келам.

Заев нагласи дека Владата работела напорно на клучните реформски области кои ни ги зададе Европскиот совет во јуни 2018 како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година, односно реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација.

Премиерот Заев потенцираше дека низ политичкиот дијалог, Владата прави секојдневни напори во Собранието и надвор од него да се најде заеднички јазик со опозицијата околу најважните реформски закони и тие напори дадоа конкретни резултати.

– Затоа и целосно ги поддржуваме вашите напори за негување на политичкиот дијалог. Европратениците Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан присутни тука, како и Иво Вајгл, во рамки на Жан Моне дијалогот, одиграа круцијална улога во воспоставувањето на Пржинскиот договор, а сега, заедно со пратениците од Собранието имаат повторно многу значајна улога во забрзување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија – рече премиерот Заев.

Членовите на делегацијата на Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент, како што соопшти Владата, споделија нескриени честитки за оствареното во Република Северна Македонија во последните две години и нагласија дека денес, за време на нивната посета, тие гледаат една сосема друга земја – земја во процес на прифаќање на нејзиното членство во НАТО, земја која остварува позитивни резултати на планот на внатрешните реформи.

– На Европската Унија ѝ треба Република Северна Македонија, колку што и на земјата ѝ треба ЕУ, и токму затоа земјата треба во наредните 4 месеци да испорача силни аргументи според кои Европскиот Совет ќе биде убеден дека треба да го исполни ветеното и да бидат отворени првите поглавја од преговорите, врз основа на спроведените реформи за кои ќе биде постигнат консензус и кои ќе се реализираат во амбиент на конструктивен политички дијалог во земјата – истакнаа членовите на делегацијата на Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент, на денешната средба со премиерот Заев и со делегацијата на Владата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...