Заев ги приземји орлите на Османи

3981

Вицепремиерот Бујар Османи ја спушти топката по критиките од премиерот Зоран Заев дека се кити со туѓи перја за Законот за јазиците, но и за испадот кога на првиот состанок на координативното тело за спроведување на законот поканил само функционери од ДУИ и експерти Албанци. Ова е прв судир на јавна сцена помеѓу премиерот и вицепремиерот за европски прашања, во кој Заев јасно стави на знаење кој е премиер во Владата. Но, по прозивката денеска и двете страни тврдат дека нема криза во владината коалиција.

Вицепремиерот за Плусинфо сега дава безмалку идентична изјава со таа на премиерот.

– Законот е заслуга на сите коишто го изгласаа, особено на тие што ќе помогнат во навремено и ефикасно имплементирање – вели Османи.

Заев во емисијата „200“ на Алсат ТВ изјави дека има криза поради тоа што некои политичари сакаат да се китат и со туѓи перја.

– Овој закон не е на ДУИ, овој закон е и на СДСМ, на Зоран Заев, на Беса, на сите што сме внатре, турска, пензионерска партија… Сите го поддржавме, сите го гласавме и мора да биде во духот на „Едно општество за сите“. Не ми требаат мене национализми од ниедна страна, затоа што кога повикав да одработиме како партнерство за државата, една од работите за кои што се согласивме е да градиме едно општество за сите. Како што јас како Македонец внимавам на моите сограѓани Албанци, така и колегите Албанци треба да внимаваат на сограѓаните Македонци – рече Заев.

По најавата на Заев дека СДСМ ќе формира свое координативно тело затоа што Законот за употреба на јазиците бил и нивен производ, Османи ни изјави дека ќе има едно, заедничко тело, владино-собраниско.

И претходно, Османи за Плусинфо изјави дека координативното тело допрва ќе се екипира со функционери од СДСМ, но откако јавноста го прозва дека на првиот состанок ги повикал само сопартијците, екс министерот за правда Билен Салији, министрите Арбер Адеми и Крешник Бектеши, пратениците Артан Груби и Ејуп Алими, како и други претставници на институциите и експерти Албанци.

Но, координативното тело не беше првата провокација на вицепремиерот за Законот за јазиците. Веднаш по ставањето потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери на Законот за јазиците, Османи на Фејсбук прослави со фотографија на која тој и лидерот на ДУИ Али Ахмети симболично летаа орли со дланките.

Висок владин функционер по „воспитната“ од Заев за Османи, брифира дека во Владата ќе биде сѐ во ред.

– Ќе биде сѐ во ред, но секако треба да се почитува кој е кој на Илинденска – вели функционерот.

Во таа насока и владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска на редовна прес конференција изјави дека не постои конфликт во Владата.

– Во основа не постојат некои конфликти или судири како што пишуваат медиумите. Вчера имавме владина седница на која работите функционираат редовно и тековно. Како некој толкува одредени изјави, тоа сепак е во рамки на слободата на израз. Во секој случај, работата на Владата како институција е тековно и немаме никакви проблеми – истакна Бошњаковски.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...