Премиерот Зоран Заев денеска ги отфрли како лажни обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со „Тотал Инженеринг“.
Заев на прес-конференција по Економско-социјалниот совет напомена дека фирмата на неговиот брат не работи, ниту ќе работи на ископ во РЕК „Битола“ или во други државни фирми.
– Фирмата што беше спомната нема ангажман за ископ во РЕК „Битола“. Тоа е лага. Јас сум чесен и транспарентен политичар. Механизацијата на фирмата на мојот брат не работи и нема да работи во РЕК „Битола“- истакна премиерот.
Во врска со предлогот на претседателот Ѓорге Иванов повторно да го предложи Димитар Богов за гувернер на НБРМ, Заев рече дека утре ќе одржи координација и ќе го консултира парламентарното мнозинство од што треба да произлезе и конечен став кој ќе и биде соопштен на јавноста.
На новинарско прашање што очекува од средбите на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, премиерот оцени дека секоја средба е во насока на надминување на разликите.
– Од секоја средба, макар и на маргините на некои поголеми случувања, очекувам нова креативност во насока на приближување и надминување на разликите – дополни претседателот на Владата.
За претстојната владина реконструкција Заев информира дека разговорите привршуваат. Вчера имал средба со раководството на БЕСА, партијата предводена од Африм Гаши и со ДПА, а денеска, како што рече, предвидени се дополнителни консултации.
– Ако успееме да ги номинираме предлозите, телата на партиите ќе треба да донесат одлуки – подвлече премиерот.