Заев ги отпиша, а Европскиот парламент ги запиша за награда свиркачите Лазаревски и Костовски

804

Укажувачите Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски се влезени во петте номинирани за добивање на престижната награда за заштита на укажувањето и правото на информирање што годинава првпат ја доделува Европскиот Парламент во чест на новинарката Дефне Каруана Галиција што беше убиена во експлозија во Малта.

Лазаревски и Костовски се номинирани од „Транспаренси Македонија“, но за нив се поднесени и независни номинации од новинарите Синиша Станковиќ и Жанета Скерлев, како и од коалицијата на укажувачи од ЈИЕ заради овозможувањето да биде објавена вистината за Македонија преку информациите за незаконито прислушкување од страна на поранешната власт во Македонија, беше посочено на денешната прес конференција на „ТИ“ .

Како што истакна претседателката на „Транспаренси Македонија“ Слаѓана Тасева се надева дека Лазаревски и Костовски ќе ја добијат наградата бидејќи овозможија вистината да излезе на виделина и да дојде до трансформација на власта во Македонија.

Ѓорѓи Лазаревски, кој беше присутен на денешната прес-конференција, истакна дека се уште се соочуваат со стравови за својата безбедност и безбедноста на нивните семејства и додаде дека морал да ја напушти работата во МВР, а на неговиот колега дури и стрес му претставува и секојдневното појавување во јавноста поради што и не дошол.

Прашан дали досега го контактирал некој, а особено премиерот Зоран Заев, кој во времето на објавувањето на „бомбите“ ги нарече херои него и неговиот колега, рече дека никој досега не го контактирал и додаде дека по првпат јавно кажува дека имал желба да се врати на своето претходно работно место во МВР и таму да се пензионира.

Истакна дека во моментов се спроведува стариот закон за прислушување и додаде дека го поздравува формирањето на ОТА како посебна агенција и досега не размислувал дали да се кандидира на местото директор на Агенцијата.

Покрај Лазаревски и Костовски за добивање на наградата номинирани се и словачкиот новинар Јан Куцјак кој беше убиен во јануари годинава, основачот на „Викилис“ Џулијан Асанж, поранешната вработена во Пилатус банка, Марија Ефимова, и поранешниот вработен во Прајсвтер купер, Рафаел Палет. За наградениот е предвидена награда од 5.000 евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...