Премиерот Зоран Заев, на покана од неговиот црногорски колега Душко Маровиќ, попладнево заминува во дводневна официјална посета на Црна Гора.
Како што соопштуваат од црногорската Влада, премиерите ќе присуствуваат на заедничка седница на владите на двете земји. Заев ќе има билатерална средба со Маровиќ, а ќе се сретне и со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, и со претседателот на црногорското Собрание Иван Брајовиќ.
Од прес-службата на Владата на нашата земја, соопштија дека во владината делегација која ќе ја предводи премиерот Заев се и Радмила Шекеринска Јанковска, заменик на претседателот на Владата и министер за одбрана, Оливер Спасовски, заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Венко Филипче, министер за здравство, Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, Садула Дураки, министер за животна средина и просторно планирање и Андреј Жерновски, заменик министер за надворешни работи.
По одржувањето на заедничката седница меѓу владите на Црна Гора и на Северна Македонија, ќе бидат потпишани повеќе билатерални договори.
Ќе биде организиран и бизнис форум Црна Гора – Северна Македонија, на кој ќе учествуваат премиерите Заев и Маровиќ, министри во владите како и бизнисмени од двете земји. Форумот ќе го отворат двајцата премиери, како и претседателите на Стопанската комора на Црна Гора и на Северна Македонија Властимир Голубовиќ и Бранко Азески. Во работниот дел од форумот стопанствениците на двете земји ќе разговараат за перспективите за заедничка соработка.