Премиерот Зоран Заев денеска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на претседателот на Собранието Талат Џафери дека Собранието ќе биде распуштено на 11 февруари, изрази уверување дека ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО ќе биде завршена навреме и во нашиот законодавен дом.
– Јас верувам дека навремено ќе стасаме со оваа работа. Државата се подготвува, ние со нашите институции, во случајов Прламентот, да не бидеме пречка. Тоа значи на време Парламентот да го донесе новиот закон за одбрана. Тоа е важно затоа што преку него се адаптираме на сето она тоа што е обврска како нова членка на НАТО, а секако и навремена ратификацијата на Протоколот во нашиот Парламент – истакна Заев.
Премиерот посочи дека е голема чест што САД ја завршија ратификацијата на Протоколот за НАТО, што традиционално тие го спроведуваат последни.
– Претседателот Џафери е конечен во својата одлука кога и да реши да го распушти Собранието. Апелот на сите лидери кои бевме кај претседателот Пендаровски беше да го искористиме законскиот рок од 45 дена за да имаме секако резерва кога ќе го ратификуваат сите земји Оротоколот, да не испадне да дојде до нашиот парламент, а тој не може да го ратификува – рече Заев.
Претседателот на Собранието Талат Џафаери денеска на брифинг со новинарите им порача на политичарите да се раководат од Уставот во однос на денот на изборите. Тоа значи 60 дена од денот на распуштање на Собранието, кое доколку бидат испочитувани сите законски рокови би било на 11 февруари. Веднаш потоа претседателот на законодавниот дом Талат Џафери ќе ги распише предвремените парламетрани избори што треба да се одржат на 12 април.
Според првиот човек на законодавниот дом, не постои можност да се свика Собранието доколку има потреба да се ратификува Протоколот за членство во НАТО. За тоа, рече Џафери, ќе треба да се чека на новиот собраниски состав.