Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера ја посети фабриката за кондиторски производи ,,Винчини “ односно „Макпрогрес“ од Виница.
Заев на својот фејсбук профил сподели фотографии од посетата, но и една која особено го предизвика вниманието на јавноста, со вафлата со име „премиер“.
„Денеска бевме во посета на Макпрогрес, одлична македонска компанија којашто е еден од најголемите извозници и претставува гордост на сите граѓани. Преку 90 отсто од нивните програми одат за извоз носејќи девизни приливи на државата.
Во наредниот период очекуваме отворање на преговорите со ЕУ, а со тоа и отворање на европските фондови, кои на овие компании ќе им бидат поддршка за развој и дополнителна мотивација да вложат во нови машини, во нови капацитети, да го шират своето производство.
Макпрогрес е еден од најголемите извозници во нашата земја. Го поддржуваме домашното производство, тоа е најсилната гаранција за раст на економскиот стандард на граѓаните“, напиша Заев на својот фејсбук профил.