Заев воопшто нема да сведочи за обидот за убиство на Зијадин Села

1770

Премиерот Зоран Заев нема да сведочи во случајот за обидот за убиство на Зијадин Села. Тој беше предложен од одбраната, но адвокатот на обвинетиот Александар Јаневски Тошта, Бојан Ваневски се откажа, бидејќи како што рече со денешниот редослед на сведочења се нарушил целиот концепт кој го замислила одбраната.

Имено, Заев беше прв на листата предложени сведоци од одбраната, но поради зафатеност тој го известил судот дека нема да може да дојде на денешната расправа.

Во судница за денеска беа повикани вкупно пет сведоци, покрај Заев, покани беа испратени и до неговиот телохранител Александар Трајков, Тони Мандаровски, Антонио Филевски и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев. Меѓутоа, Филевски не се појави, а не дојде ниту Ѓорчев кој не бил уредно поканет.

Во Кривичен да сведочат дојдоа само Мандаровски и Трајков, па бидејќи не се појавија сите сведоци според предложениот редослед, адвокатот Ваневски реагираше.

– Сметам дека сведоците треба да бидат сослушувани по редоследот по кој се предложени, бидејќи се нарушува концептот зашто исказот на еден сведок треба да се надополнува на исказите на другите сведоци – реагираше адвокатот.

Сепак се пристапи кон испрашување на двајцата сведоците, а одбраната потоа го повлече предлогот Заев да сведочи токму поради концептот кој го имала замислено.
Телохранителот на Заев, Александар Трајков рече дека дел од заканите на 27 април во прес-салата од Собранието биле општи, дел биле директни.

– Дел од луѓето кои претходно напаѓаа во дел од времето беа поставени во заштита во кордонот со нас. Еден од нив е обвинетиот Александар Јаневски Тошта. Во другиот дел од времето не можам да посочам дека Тошта лично кон мене имаше конкретни дејствија, за кон другите лица не знам – одговараше Трајков.

Тој сведочеше по предлог токму на адвокатот на обвинетиот Александар Јаневски Тошта.

– Напаѓачите фрлаа предмети, користеа пцовки, закани по живот… Села беше лево од мене, позади, и не можам да се сетам на делот кога тој веќе не беше таму. Знам дека во еден момент на неколку метри од нас имаше група на луѓе собрани и некои од нив довикува дека Села е мртов. Конкретно заканите тогаш се однесуваа кон Заев, заканите беа ,,Села е мртов, ти си на ред” – кажа Трајков одговарајќи прашањата кои му ги постави судијката.

Покрај обезбедувањето на Заев, сведочеше и Тони Мандаровски кој лани на 27 април работел во Шесттата управа во секторот за обезбедубање на ВИП личности. И тој сведочеше по предлог на адвокатот на Тошта.

Мандаровски рече дека на крвавиот четврток бил прва смена, но вечерта бил во Собранието, поточно во прес-салата откако го повикал началникот. Тој кажа дека не забележал оти Тошта се однесувал насилно.

– Во прес салата забележав пратеници на опозицијата со видливи траги на повреди. Пред нив имаше неколку колеги полицајци, обезбедувањето, го забележав и пратеникот Влатко Ѓорчев. Го забележав и Тошта кој ми падна во око бидејќи е крупен. Го имам видено и порано. Разговараше со Ѓорчев и толпата демонстранти. Ме забележав дека Тошта се однесуваше насилно – рече сведокот.

Во вкрстеното испрашување од обвинителот, Мандаровски рече оти не го видел по Села бидејќи кога тој се качил во прес-салата, нападот врз Села веќе бил сличен.
На следното рочиште закажано за 17 мај, повикани се неколку сведоци меѓу кои покана на домашна адреса и во Собрание ќе му биде испратена и на денес неуредно повиканиот Влатко Ѓорчев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...