Заев: Бојкотот носи трња и троскот, ништо друго

Се што сме сакале е потврдено во овој договор. И плус тоа ги отворивме портите на НАТО и на ЕУ. Покажавме демократска зрелост. Покажавме европски манири. Покажавме европски односи. И тоа го препозна светот, секаде имаме големи пријатели. Затоа почитувани пријатели да немате дилеми, не знам кој што сака нека збори, не знам кој зошто ќе бојкотира, против себе ќе се бојкотира? Што ќе постигне?, рече премиерот.

326

Бојкотот носи трња и троскот, ништо друго, изјави премиерот Зоран Заев вечерва на трибина во Неготино.

– Како мал пазар тешко се опстојува. Можеме само здружени заедно. Со понапредните, со големите пазари, каде што владее правото и европски вредности, каде што е вредно да се има квалитетен живот за живеење. Таму беа нашите аспирации. И можевме и порано да донесеме одлуки ако не се правеле вакви калкулации, но знаев јас дека можам да владеам. И дека можам уште четири години да добијам. Ама сфатив, после 27 години каде да ја водам Македонија, во ноќта, во бездната, во бунарот, да продолжиме да се лажеме, да изгубиме уште 27 години? Зошто? Немаме два животи, еден е пусти за живеење. Ајде да го живееме, да го направиме чекорот – порача Заев.

Тој истакна дека народот секогаш во историјата знаел да носи мудри одлуки и изрази уверување дека и овој пат ќе го стори тоа.

– Зошто? Оти си ја сака татковината. Оти чувствува одговорност за своите деца. И затоа донесовме праведна и фер одлука. И сите знаат дека направивме компромис. Ама компромисот не мрда од мртва точка, компромисот претставува спогодба помеѓу две или повеќе страни, од кои што двете страни се подготвени да направат заемни отстапки за да се договорат – рече премиерот.

Тој нагласи дека сите сме исправени пред историска одлука, свесни за придобивките од одлуката која треба да ја донесеме.

– Одлуката е сериозна и одговорна, се однесува на татковината и нашата иднина. Доста е изолираност и редно е да се интегрираме со другите и да бидеме граѓани на Европската унија. Одлуката ја носиме ние –  рече Заев.

Тој потсети на изминатиот период на изолираност, се осврна и на договорот со Грција. Рече дека компромисот го движи светот, да се изнајдат решенија за се, ако се има желба.

Проговори за различните видови придобивки од соработката со соседите, кои, како што рече, „од непријатели ни станаа пријатели“.

– Има фајде од пријателството. Оваа генерација мора да ја зграпчи оваа шанса. Има историска шанса да одлучува и затоа одлуката е многу важна – истакна премиерот.

Потсети за жртвувањето и вековната борба на македонскиот народ, за да биде признаен од целиот свет. Сега има рече таква шанса, да се постигне тоа со пријателство и со признаен идентитет. Повика на соработка, со цел да се оди напред.

– Да се испише со златни букви и оваа страница од нашата историја. Бидејќи подобар договорот со Грција од овој, не може да се постигне – рече премиерот.

Премиерот потсети на војните и конфликтните ситуации во минатото, нагласувајќи дека со НАТО, загарантирана е безбедноста. Тоа пак е предуслов за нови инвестиции, фаќање чекор со развиените земји.

– Се што сме сакале е потврдено во овој договор. И плус тоа ги отворивме портите на НАТО и на ЕУ. Покажавме демократска зрелост. Покажавме европски манири. Покажавме европски односи. И тоа го препозна светот, секаде имаме големи пријатели. Затоа почитувани пријатели да немате дилеми, не знам кој што сака нека збори, не знам кој зошто ќе бојкотира, против себе ќе се бојкотира? Што ќе постигне? – изјави Заев меѓу другото.

Рече дека НАТО и ЕУ значат поголеми плати, повеќе работни места, подобро здравство, подобро образование.

– Значат подобро и правично судство. НАТО и ЕУ значат вредности за кои што сакаме овде да ги имаме и да ги живееме. Затоа со сите земји кои што станале членки на НАТО и на ЕУ овие податоци се паралелата што ја влечиме овде со Македонија. Еве ја Бугарија од таа страна. Пред да стане членка на НАТО и на ЕУ и сега кога стана членка на НАТО и на ЕУ. Пред да стане, имаше невработеност од 17,2 посто, кога стана членка на НАТО и на ЕУ еве ја сега има 5,3 проценти невработеност. Странските инвестиции се зголемиле за 4 до 5 пати – нагласи меѓу другото на трибината на градскиот плоштад во Неготино.

Повика без страв да се излезе на гласање, без дилеми, бидејќи друга, резервна алтернатива нема. Да се зграпчи иднината. Повика на заедништво по ова прашање, најважно за Македонија.

На прашање на неготинец, премиерот проговори за европските вредности и предностите за земјоделството. На трибината беа присутни и градоначалникот Тони Делков и други политички личности. На трибината говореа и актерот Диме Илиев и Кристина Арнаудова кои рекоа дека ќе гласаат “за” на референдумот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...