Заев: Би биле лаици ако со предвремени избори ги уништиме економските бројки

803

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција не сакаше да се впушта во многу коментари за случајот „Рекет“ оти местото не му е таму, ниту пак зборуваше за Законот за јавно обвинителство за да не ги подрива преговорите со ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот не сака ниту предвремени избори, нешто на што инсистира опозицијата и условува за да седне на лидерка средба за Законот за обвинителство. Тој го повтори неговиот став дека треба да се искористат економските бенефити и не треба да се губи време за избори сега туку да се оди на редовни.

– Ние не сме за предвремени избори. Решение треба да се изнајде, но не со предвремени избори. Ќе дадеме шанса на јавното помирување за да можат да работат работните групи, а тоа може да се случи уште оваа недела – истакна Заев на прес-конференција во Владата.

Би биле лаици и непатриоти, дополни тој, ако со предвремени избори ги уништиме актуелните економски бројки.

Тој кажа дека ова е период на разговори, оти многу предлози на опозицијата се прифатени од власта и дека во Владата веќе се разгледува предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се дојде до решение. Детално не сакаше да коментира за да не ја уништи шансата за договор.

– Ако Заев или Мицкоски даде коментар, ќе ги подриеме шансите на договор – рече премиерот.

За евентуална средба,, Заев рече и дека лично тој нема договорено да присуствува на средба попладнево на која ќе има групи од Владата и ВМРО-ДПМНЕ, а дали ќе има таква средба кажа дека не знае.

За последните информации од викендов дека Катица Јанева наредила форензичко бришење на компјутерите во СЈО, Заев рече дека и тој се информирал од медиумите и оти смета дека тоа е прашање за кое треба институциите да дадат одговор.

– За форензиките не знам што е форензичко бришење. Знам дека институциите ќе си постапат како што треба. Имаме добро поставен обвинителски систем – рече тој.

И за случајот „Рекет“ премиерот рече оти не се ни труди да врти телефони за да дознае нешто.

– Се води истрага, политичарите треба да бидат надвор. Ја користам приликата да ги охрабрам истрагата да продолжи без разлика до кого е стигне – повика Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...