Одржувањето на денешниот состанок на Северноатланскиот совет на НАТО во Скопје е најсилната политичка потврда за нашето извесно полноправно членство во Алијансата. Република Северна Македонија ќе биде 30-та земја членка на НАТО, потенцира премиерот Зоран Заев во обраќањето пред почетокот на состанокот на Североноатлантскиот совет со кој претседава генералниот секретар Јенс Столтенберг.
Ова е реализација на напорите и на стремежите на сите генерации политичари од различни политички партии и на сите граѓани од нашата земја од независноста до денес, нагласи Заев.
Ова е резултат, подвлечепремиерот , на неуморната работа на нашите институции, на професионалците од одбраната и безбедноста, но и на сите други институции од државата.
– Членството во НАТО за нас значи мир и стабилност и е најсилна гаранција за нашата безбедност. Веруваме дека тоа ќе донесе подобар живот за нашите граѓани, како на политички, така и на економски план – рече Заев.
Тој додаде дека резултатите се веќе видливи, откако е добиена поканата за членство во Алијансата. Бруто домашниот производ пораснал за 5,5 проценти, невработеноста е намалена за 7,5 проценти, индустријата бележи пораст од 8,8 проценти, а платите пораснале за 6,1 процент. Странските инвестиции, според Заев, постигнале нов рекорд во државата од 625 милиони евра или трипати поголем од просекот во последните осум години, а двојно поголем од најдобрата година досега.
– Секогаш постоел широк натпартиски и меѓуетнички консензус за нашето членство во НАТО. Тоа беше една од нашите идеи и водилки и кога ни беше најтешко. Тоа ни беше мотивација за да се соочиме со тешката безбедносна криза во 2001 година и со тешката политичка криза пред само две години и сите кризи да ги поминеме по мирен пат, на демократски начин и пат на дијалог – кажа Заев и додаде дека успеваме да ја обновиме нашата демократија, да ја ослободиме заробената држава и да ги вратиме демократските начела кои се темелот на НАТО како што се владеењето на правото, професионалните и независни институции и слободни медуми.
Осврнувајќи се на решавањето на отворените прашања со Грција и Договорот со Бугарија, Заев потенцира дека нашата земја придонесува да се промени политичката динамика во целиот регион.
– Работиме да создадеме нов Балкан на 21 век, регион што ќе биде синоним за мир, развој и економски просперитет, регион каде добрососедските односи и блиската регионална соработка ќе бидат основен стандард за секојдневно функционерирање, рече Заев и најави дека во иднина ќе соработуваме со нашите соседи во рамки на НАТО како блиски сојузници или во одржување и унапредување на нивната соработка со Алијансата. Веруваме – подвлече Заев, и ја поддржуваме политиката на отворени врати на Алијансата.
Премиерот најави дека нашата земја е подготвена до 2024 година да го постигне стандардот од два проценти од БДП за одбраната, со зголемување секоја година за 0,2 проценти. Според него, земјава е подготвена да го носи, као што рече, товарот на обврските од членството во НАТО и да се соочи со сите предизвици на тој пат. Најави дека ќе се зголеми учеството во мировните мисии во НАТО и во фондовите кои помагаат во зачувување на мирот и демократијата во земјите како во Ирак и Авганистан.
– Може да сметате на нашата лојална поддршка во борбата против ИСИС и ДАЕШ – им порача Заев на генералниот секретар Стотелберг и на амбасадорите на 29-те земји во НАТО.
Заев упати порака дека нашата земја ги прифаќа и доследно ги почитува трите столба и обврски на НАТО – пари, способност и придонес.
Тој потсети дека членството во НАТО е наша стратешка одлука верификувана со Резолуција на Собранието едногласано усвоена 1993 година.