Заев-Бенгтсон: Шведска силно ги поддржува перспективите на Македонија во ЕУ

86

Кралството Шведска е голем и искрен пријател на Македонија и пријателството продолжува да се развива низ меѓусебната соработка на двете држави. Ова на денешната средба го констатираа премиерот Зоран Заев и новата шведска амбасадорка Кристин Форшгрен Бенгтсон.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, е констатирано дека Шведска силно ги поддржува перспективите на Македонија во ЕУ, што се очекува да продолжат со позитивна одлука од Советот на ЕУ во октомври и добивање датум за почеток на преговорите со Европската унија.

На средбата, како што се наведува, истакната е видливата трансформација на нашата држава и развојот, како во поглед на демократијата и реформите на домашен план, така и на меѓународен план, што резултира со отворените интеграциски процеси.

Премиерот Заев се заблагодарил за континуираната и принципиелна поддршка и посочил дека Кралството Шведска е важен партнер на нашата држава во сите клучни процеси и пример на држава кон каква што се стреми да биде и Република Северна Македонија.

– Работиме на развојот на капацитетите на институциите, на нивната транспарентност и одговорност. Посебно сме фокусирани на независноста на правосудството. Се надеваме дека низ политиките на дијалог и консензус со опозицијата, со коишто ги направивме потребните реформи, ќе најдеме решение и за Законот за јавно обвинителство, бидејќи граѓаните очекуваат одговорно однесување. Придобивките од реформите, од изградбата едно општество за сите, од затворањето на билатералните прашања со соседите, од очекуваното заокружување на интеграциите во НАТО и добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ се предвидливост на економијата и економски развој. Првите резултати веќе ги имаме со растот на сите параметри во економијата, растот на БДП, растот на платите, нови инвестиции, намалување на невработеноста. Нашата држава верува во европските вредности значајни за граѓаните, како што верува и Шведска – рекол Заев.

На средбата посебно се нагласени значењето на владеењето на правото и демократијата, солидарноста и одговорноста, посветеноста на животната средина, економијата, вклучувањето на цивилното општество и на младите.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...