Премиерот Зоран Заев денеска го прими во посета новоименуваниот амбасадор на Руската Федерација во нашата земја, неговата екселенција Сергеј Баздникин, соопшти Владата.
– Заев како приоритет во интересите на Република Македонија ги издвои потенцијалите на економската соработка, особено во делот на земјоделството и производството на храна, како и интересот на нашата земја за проширување и унапредување на соработката во сферата на енергетиката. Заев и амбасадорот Баздникин се согласија дека треба да се поттикне работата на Мешовитата меѓувладина комисија за трговско-економска соработка за да се ефектуираат сериозните потенцијали на овој план, соопшти Владата.
Во соопштението се вели дека на средбата е изразено задоволство од досегашната соработка на планот на културата која и понатаму останува силна врска меѓу двете земји, изградена на традициите и на заедничките специфики на културните врски.
Амбасадорот Баздникин на средбата рече дека ќе ги вложи своите капацитети и досегашно искуство за да се остварат потенцијалите за соработка меѓу двете земји.