Се работи за иднината на Македонија, но и за иднината на целиот регион. Македонија е на добар пат да ги осигура евро-атлантските интеграции и се надевам на успешен референдум, порача Жан Аселборн, министер за надворешни работи на Големото Војдводство Луксембург по средбата со премиерот Зоран Заев.
-Мнозинството граѓани на Македонија се определени за европска и атлантска иднина на Македонија и јас верувам дека референдумот ќе биде успешен. Определбата и на граѓаните и на Владата е просперитет на Република Македонија и практикување на европските вредности коишто значат подобар живот и владеење на правото за доброто на сите во државата – рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата посочи на огромниот бенефит од договорот во Преспа, а тоа е заштитата и потврдата на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик во светски рамки и оцени дека граѓаните се свесни за оваа придобивка.
Заеднички е констатирано дека станува збор за историска шанса за напредок и интеграција на Македонија и дека сите политички субјекти и граѓани имаат должност да донесат одлука во интерес на доброто на државата и на иднината на децата и младите.
На средбата се разговарало и за други прашања актуелни во европски и регионален контекст, како и за потребата да се осигура стабилен и безбеден Балкан со европски перспективи.
Премиерот Заев се заблагодарил на министерот Аселборн за неговото присуство во Македонија во важниот момент за државата, кога граѓаните имаат потреба да слушнат потврда од пријателите од меѓународната заедница дека се добредојдени во ЕУ и НАТО, како и за големата поддршка што и ја дава Луксембург на Македонија на тој пат.