Апсолутно е неприфатлива амнестијата порача премиерот Зоран Заев по консултацијата со новата пратеничка група за нивните барања за уставните амандмани.
-Тука го формираме националното координативно тело кое треба да ги најде начините за помирување. Овде во рамките на невлијание врз правниот систем на државата. Пост фестум откако се се случува да се наметнуваат вакви решенија апсолутно го дерогираат правниот систем на државата – рече Заев.
Тој рече дека остварена е консултативна средба со новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за нивните барања во процесот на давање поддршка на отворањето на уставните промени.
– Разговаравме за првите точки од вкупно четири. Можам да констатирам дека во тој дел изнајдовме конкретни насоки во делот на зајакнување на македонскиот идентитет и гаранцијарта дека процесот нема да биде блокиран од Грција и во делот на внатрешната примена. Насоките ги добивме, сега ќе работиме и пред да ги официјализираме во парламентот уште еднаш ќе ги предочиме на новата парламентарна група и очекуваме дека до крајот на неделава ќе ги формализираме и доставиме во парламентот – рече премиерот Зоран Заев по средбата со новата пратеничка група, за уставните измени.
Тој додаде дека разговарале и за четвртата точка, односно за комисијата за помирување.
– Останува да ги димензионираме следните чекори за ова тело кое ќе го предводи претседателот на Собранието Талат Џафери, да има тројца членови од новата пратеничка група и координаторите на сите пратенички групи. Задоволен сум од состанокот и верувам дека ќе успееме да се усогласиме – изјави Заев.
Тој не сакаше да открие детали од средбата. Заев додаде дека во духот на Договорот ќе ја консултираат и грчката Влада откако амандманите ќе бидат готови.
Заев се надева дека во телото за помирување ќе партиципира и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.