Заев: Ако нема датум од ЕУ летово, може да падне Владата

2848

Премиерот Зоран Заев од Брисел порача дека можното одлагање на одлуката за датум за преговори од страна на ЕУ ќе ја стави во опасност владата и може да ги врати националистичките сили на власт, јави дописничката на МИА од Брисел.

Премиерот оваа изјава ја даде пред избрана група новинари од странските медиуми осврнувајќи се на гласањето во германскиот Парламент, од кое во голем дел зависи одредувањето на датумот за преговори од страна на ЕУ.

За секоја одлука која се однесува на проширувањето на ЕУ, неопходно е претходно Бундестагот да даде зелено светло. Следниот рок за одобрување на одлуката од страна на Берлин е 28 јуни, по што министрите на ЕУ би можеле да го одредат конечниот датум во втората половина на јули, кога повторно ќе се состанат во Брисел.

Повторно одлагање, вели Заев, го зголемува ризикот за владата.

– Бундестагот мора да испрати порака, ако не донесат одлука на седницата неделава, најверојатно имаат шанса за тоа на крајот на јуни, ако не го сторат тоа, тогаш останува за Советот на ЕУ во октомври, што значи дека Бундестагот би гласал во септември. И тогаш постои ризик да го изгубиме мнозинството во Собранието, затоа што навистина сѐ дадовме – рече премиерот Зоран Заев.

Тој објасни дека извештајот на Европската комисија е најпозитивен досега и дека сите без исклучок се согласни дека земјата треба да ги започне преговорите за членство. Заев нагласи исто така дека неговата влада направила суштински напори и презела голем политички ризик во процесот на усвојување на Преспанскиот договор, за што беше потребно двотретинско мнозинство. Оттука и опасноста пратениците, на кои им било ветено дека гласот за Преспанскиот договор и за уставните измени значи отворање на вратите на ЕУ, да изгубат доверба во власта.

Во случај Заев да го врати мандатот, речиси е извесно дека ќе треба да се одржат предвремени избори што ќе донесе поголема политичка нестабилност и неизвесност во однос на европските реформи. На прашање на дописникот на француската агенција АФП дали постои ризик да дојдат на власт проруски и националистички партии, Заев рече дека не е исклучена оваа можност доколку ЕУ не испорача во својот дел.

– Разочарувањето кое ќе се појави кај нашите граѓани ако нема позитивна одлука на Советот на ЕУ ќе им даде надеж на националистичките сили, тоа значи дека ќе има граѓани кои ќе одлучат да ги поддржат националистичките, радикалните сили, и тоа не е добро за Северна Македонија и не е добро за регионот – рече Заев, додавајќи дека смета оти од македонска страна е направено сѐ што требаше и дека земјава чека да се отворат овие врати веќе петнаесет години.

Сценаријата за претстојните министерски состаноци на ЕУ, рече Заев, се отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија во најдобар случај, неотворање на преговорите со ниту една од овие земји, што е најлоша варијанта, или отворање на преговорите со Македонија и одлагање на одлуката за Албанија за подоцна. Премиерот нагласи дека Холандија и Франција имаат поголеми резерви кон отворањето на преговорите со Албанија, но и дека Германците стравуваат од закани од албанска страна дека тоа би довело до нестабилност во регионот, посебно на Косово.

– Тие мислат дека ако отворат преговори со Северна Македонија, ќе се создаде проблем ако се остави Албанија и дека тоа би можело да има влијание врз Косово, тие стравуваат од закани од мојот пријател Еди Рама, за можни промени на границите или спојување со Косово, но јас не верувам во тие работи затоа што тоа ќе значи назадување од најмалку десет години за Албанија ако направат такво нешто, никој не сака такво нешто да прави – порача македонскиот премиер пред странските медиуми.

На прашање на МИА за најавите за реконструкција на владата и „метлата“ најавена по претседателските избори, Заев истакна дека и во овој дел многу ќе зависи од одлуката на ЕУ за преговорите.

– Процесот на реконструкција е започнат, ќе има промени кај помалку од две третини од владата, тоа е мојот план, и околу 20 до 30 менаџерски позиции во големите институции, но можеби Советот на ЕУ мене ќе ме смени – изјави премиерот.

Премиерот вели дека поради ризикот да падне владата ако нема преговори со ЕУ, тој чека за реконструкцијата.

– Ако ја изгубам поддршката на парламентот, тогаш зошто да правам реконструкција на владата? Затоа чекам, јас сум подготвен, нашите граѓани знаат горе долу кој ќе биде сменет во владата, но не е нормално да правиме реконструкција ако падне владата, може ќе треба да одиме на предвремени избори, или да добиеме нов мандат од претседателот, не се знае, но прво Бундестагот треба да испрати порака – изјави премиерот Зоран Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...