Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и координаторот на Националното координативно тело за лица со попречености, Спасе Додевски, денеска се обрати на Конститутивна седница на Националното Координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост во Република Македонија при Владата на Република Македонија, соопштуваат од Секторот за односи со јавноста на Владата на Република Македонија.
– Поздравувајќи ги присутните, премиерот Заев рече дека овој свечен чин и обврска доаѓа како следен важен чекор во воспоставувањето на националната организациона структура за реализација на принципите на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост, што нашата земја ја ратификуваше во 2011 година. Во таа насока, тој посочи дека целта за формирањето на ова Националното Координативно тело е, преку донесување извршни одлуки, решенија и акционен план, да се унапреди, заштитата и целосно да се обезбедат сите човекови права и основни слободи на лицата со попреченост, стои во соопштението.
– Ги повикувам сите општествени институции, граѓанските организации за грижа за лицата со попреченост, сите поединци и сите лица со попречености, да бидат дел од него и да го поддржат овој процес. Да станат стратешки сојузници за остварување на правата на лицата со посебни потреби – рече премиерот.
Тој, во своето обраќање додаде дека само со заедничка работа на остварување на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост ќе изградиме општество кое ги вклучува сите луѓе. Министерката Царовска, во својот говор пред присутните нагласи дека треба да се научиме да ги слушаме потребите на лицата со попреченост, да комуницираме отворено за сите прашања, и врз основа на нивните потреби заеднички да ги креираме политиките и мерките-пишува во соопштението.
– Пред нас како Влада и Министерства се исправени многу предизвици во унапредувањето на правата на лицата со попреченост. Процесот за деинституционализација којшто е во тек, со себе носи и развивање на здравствено-социјални сервиси за лицата со попреченост во локалните самоуправи. Со овие процеси треба да се прилагодат и образовниот систем и пазарот на трудот со што ќе се овозможи овие лица да се вклучат во заедницата и секојдневието. Во тек се активности за развој на индивидуалните сервиси како персоналната асистенција, помош и нега во домот, асистенцијата во настава, работниот асистент, рехабилитацијата и многу други кои започнавме да ги развиваме оваа година, рекла Царовска.