Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, почнал консултации со политичките партии за обезбедување квалификувано мнозинство за носење на законот за јавно обвинителство, кој повторно се наметна како критериум за почнување на преговорите со ЕУ, по посетата на новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји.
– Почнав да разговарам и се трудам да обезбедам двотретинско мнозинство. Тоа е обврска на сите политички чинители, да понудиме најдобро решение за граѓаните. Се надевам дека ќе успееме да го донесеме законот до распуштањето на парламентот, што ќе значи силен аргумент за земјава пред идните состаници на ЕУ – истакна Заев на денешната прес-конференција во седиштето на СДСМ.
Во игра се независните пратеници кои гласаа за уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор.
– Да, ќе разговарам прво со независните пратеници. Тие гласаа за уставните измени и верувам дека би дале поддршка за законски решенија што се во насока на европските перспективи на државата. Сепак, сметам дека најголема одговорноста треба да преземат најголемите политички субјекти – изјави Заев.
Тој очекува ВМРО-ДПМНЕ да покаже конструктивност и да не го блокира носењето на Законот за јавно обвинителство. Експремиерот истакна дека забелешките на опозицијата во однос на понуденото законско решение не смеат да бидат надвор од европските критериуми.
– Едно е да не гласате, а друго да блокирате. Не смееме да доволиме одредени критериуми да ги надминат црвените линии дозволени со европските критериуми. Овие закони треба да се прилагодат кон европската регулатива, а не да се носат по желба на одредена политичка партија – изјави Заев.
Тој нагласи дека со донесувањето на законот за јавно обвинителство ќе се заокружи пакетот реформи во правосудството, согласно критериумите на ЕУ.