Зад „бомбашот“ Ел Чека се крие 28-годишен кичеец од селото Туин

5521

Дваесет и осумгодишен кичеeц, родум од Туин, село под падините на планината Добра Вода, се крие зад чикашкиот „бомбаш“ Ел Чека (El Cheka) кoj веќе неколку денови на социјалната мрежа Фејсбук објавува нелегално прислушувани разговори меѓу високи функционери на ДУИ, дознава Плусинфо.

„Бомбашот“ со иницијали А.Ш. во интервју за албанските медиуми изјави дека поседува околу 6.000 снимки, а во една прилика напиша дека командант Соколи му порачал да ги објави сите прислушувани разговори.

Утринава од профилот Ел Чека, беа објавени десетина бомби. За гласовите кои се слушаат на снимките тој тврди дека повторно се на високи функционери на ДУИ.

Лицето со иницијали Ш.А., алијас Ел Чека, се закани дека ќе продолжи со објавување на нови „пострашни бомби“, за кои тврди дека ги добил од таканаречената Кумановска група, а ги објавува со барање да се спроведе меѓународна истрага за настаните во Диво Насеље.

Тој на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека откако ќе ги објави нелегалните снимки ќе ги испрати до ЦИА и до Американската амбасада во Скопје.

– Или ќе бидат затворени криминалците, или Заев ќе падне – пишува Ш.А. алијас Ел Чека.

МВР пред два дена објави дека утврдиле кој стои зад профилот на Фејсбук од каде што се пласирани „бомбите“ и дека е известена и социјалната мрежа Фејсбук, односно надлежните во оваа компанија се известени дека се пласирани нелегални содржини преку нивниот сервис.

– По целосното расчистување на случајот, МВР ќе поднесе кривична пријава против сторителот и за тоа соодветно ќе ја информира јавноста – велат од МВР, но одговор од Фејсбук, како што дознаваме сѐ уште нема, а кичеецот од Чикаго непречено и зачестено испукува „бомби“ и закани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...