Православните христијани денеска ја одбележуваат Митровденската задушница во знак на сеќавање на починатите. Задушница се одбележува четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите.
Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените. Митровденската задушница секогаш паѓа во саботата пред празникот Митровден.
На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите.
На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
По повод верскиот празник Задушница од вчера до утре од 06 до 16 часот на гробиштата во Бутел, Камник и Ѓорче Петров во Скопје, каде се очекува големо присуство на верници и зголемен интензитет на сообраќајот, сообраќајната полиција презема посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во посочените реони, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
„Ги информираме граѓаните дека сообраќајот ќе се одвива во една насока (кружно), односно сите возила ќе се упатуваат по улица Александар Урдаревски во продолжение по локален пат за село Мирковци – влезот за гробиштата улица Боца Иванова и излегување на улица Александар Урдаревски. По потреба сообраќајот ќе биде пренасочен и на гробишта Ѓорче Петров по улица Црногорска, а на гробишта „Камник“ по улица Јужноморавски бригади и улица Роман Каскалиевиќ“, се наведува во соопштението.