По повод верскиот празник „Задушница“ од денес до недела во периодот од 06.00 до 16.00 часот на гробиштата во Бутел, Камник и Ѓорче Петров каде се очекува големо присуство на верници и зголемен интензитет на сообраќајот, од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во посочените реони, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
– Ги информираме граѓаните дека сообраќајот ќе се одвива во една насока (кружно), односно сите возила ќе се упатуваат по улица „Александар Урдаревски” во продолжение по локален пат за село Мирковци – влезот за гробиштата улица „Боца Иванова“ и излегување на улица „Александар Урдаревски“. По потреба сообраќајот ќе биде пренасочен и на гробишта Ѓорче Петров по улица „Црногорска“, а на гробишта „Камник“ по улица „Јужноморавски Бригади“ и улица „Роман Каскалиевиќ“ – се вели во соопштението.
Оттаму апелираат до сите граѓани, учесници во сообраќајот, да ги почитуваат наредбите од униформираните полициски службеници и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај.