Во четврток Македонија ги започнува разговорите со НАТО. Најсилните земји во светот ќе станат наши сојузници. Сега е моментот. На Самитот на НАТО ја добивме поканата. Со притискање на копчето „за“ го гарантираме успехот на Македонија, кој зависи од иднината на оваа земја, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска за заедничка прес конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров и со националниот координатор за НТО, Стево Пендаровски.
Димитров рече дека според последната анкета 84 отсто од граѓаните иднината ја гледаат во НАТО.
– Овој регион е потонат во историјата. Но има ветришта на надежта. Влогот е голем. Ние ја тргнавме пречката, сега Собранието е на ред. Грција ја деблокираше поканата-рече Димитров.
Тој додаде дека треба да го затвориме ова поглавје со предизвици и да отвориме ново.
– Разговорите во Брисел се последната фаза за Македонија во НАТО. Според сите анализи, тоа ќе овозможи зголемување на безбедноста и стабилноста – рече Пендаровски.
Шекеринска додаде дека пристапните преговори се важен дел, вториот процес е имплементација на Договорот од Преспа, а едното без другото не оди.
– Од секој пратеник зависи дали Македонија ќе ја искористи оваа шанса. Доколку надвладеат партиски или лични интереси, тогаш следуваат избори каде ќе обезбедиме двотретинско мнозинство. Сакаме само Македонија да не губи време – посочи таа.
Во минатото низ разговори со пратениците заклучила дека сите сакаат живот во ЕУ и НАТО.
– Убедена сум дека длабоко во себе секој пратеник сака ова да успее и да заврши -рече таа.
Министерката за одбрана додаде дека доколку има избори, тоа ќе биде со почитување на Уставот и законите.