Задгробната тишина на пропуштените шанси

Тие што не излегоа на референдум сега се во устата на Мицкоски кој ја присвојува нивната апстиненција. Нека му ја мислат следниот пат кога ќе има изборен процес. Грабливците во политиката секогаш ќе најдат начин да го злоупотребат „народот“. Оној народ чиј број се намалува секој ден, секој час... „Математика“...

1094

Сѐ уште ми оддекнува гласот на мојот сограѓанин од Неготино како ми вели дека низ солзи потпишувал дека е Бугарин, само неговите деца да можат да добијат бугарски пасош и како луѓе со българско благополучие да заминат во странство. Тој нема пасош, а и стар е, одвај добил старосна пензија, бидејќи не успеал да најде постојана работа поголем дел од животот. Член е на ВМРО-ДПМНЕ од првата недела по формирање на партијата. Бил на над 400 митинзи и протести на партијата, поточно, престанал да брои кога стасал до таа бројка. Сиромашен, живее сам во куќа од 90 квадрати. Се вртка по плоштадот секој ден и муабети со своите осамени врсници. Му порача на Мицкоски да го поддржи референдумот и Преспанскиот договор. Еден мој другар и колега тие денови напиша: „Да го прифатиме Договорот, па ако заминуваме, барем да заминеме како Македонци!“

„Математика“

Еден мој другар од раната младост со кој се гледам речиси секој ден цел живот, ми се пожали дека не успеал да добие лекарски преглед ни по неколку часа чекање во преполните ходници на клиника. „Цел живот работам и обезбедувам плата за себе и за вработените во моето радио, значи плаќам и за здравствено осигурување. Зошто да не можам да добијам преглед?“ И, се разбира, на тоа му го придаде прашањето за Преспанскиот договор: „Ќе биде само полошо, ако не станеме нормална држава. А последната шанса за тоа ни е гласањето во Собранието.“

Ако некогаш патувавме за два и пол часа по лошите патишта до Охрид, сега тоа патување е продолжено за најмалку половина час. Лошо означени, новите делници се подеднакво лоши. Слично е со патиштата низ цела Македонија. Со генерации плаќаме за патиштата и улиците, а тие се сѐ полоши. И секоја патарина што ја плаќаме, наместо да оди за подобрување на нашата мобилност, оди во плати за грдосијата од администрација. Каде и да појдам надвор од Македонија, а во земја на ЕУ, уживам во возењето. „Математиката“ е едноставна.

Една моја другарка ќе ја удреше тинејџер што додека возел точак по тротоарот, целиот бил свртен кон Соборната црква и се крстел. Веројатно, само уште тоа му преостанува. Но, нема да му го направи животот подобар. Бидејќи, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не сакаат тоа да му го обезбедат. Некои од нив имаат европска сегашност и иднина – имаат бугарски пасоши, значи, потпишале дека имаат българско благополучие. И формално, нашата судбина зависи од Бугари. Да не се разбереме погрешно, државата Бугарија нѐ поддржува на нашиот пат кон ЕУ и НАТО. Тоа се нашите Бугари што не ја слушаат пораката од светот. Со бугарски пасош во џебот.

Подобар живот… по животот

Децата учат како да се крстат и клањаат. Без иднина во овој свет. Од мали нозе се во потрага по бајките (лагите) за задгробниот живот. Бидејќи, овој живот, што им го подаривме во љубовните ноќи, не им ветува ништо добро.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ можеби и можат да му се инаетат на сето фантастично охрабрување од прогресивниот дел од светот. На тој свет, во крајна линија, не му е ни важно дали ќе бидеме самостојна држава, со суверени и непроменливи граници, со пристап до баснословни фондови или ќе бидеме недефинирана територија под називот ФИРОМ. Тој свет е доволно голем, богат и моќен, така што може да продолжи без нас.

Ќе спаднеме на „социјалната помош“ од светските хуманитарни фондови, а низ земјава ќе ни се шетаат третокласни профитери и пробисвети. Арамиите ќе се погодат со нив и ќе ги гмечат преостанатите луѓе во земјава. Сѐ повеќе луѓе ќе немаат ни за леб, ни за покрив над главата. Тие што ќе имаат пари, бизниси и имоти, ќе заминат и на стари години. Само бедните ќе заглават, без оглед на нивните вештини и таленти, бидејќи ќе бидат престарени за пазарот на трудот некаде надвор.

Неповторлива шанса

Кога ќе се докројуваат границите на само педесетина километри од нашиот главен град, ќе си ја чукнеме главата. И ќе крикнеме „Каде беше тоа шансата? Може да повториме?“ Но, ќе биде доцна. Тогаш нема да биде важно дали и кој е виновен. Омразата на Македонците кон Албанците и омразата на Албанците кон Македонците нема да ни помогнат да имаме подобар живот.

Нема да биде важно кој националист е во право, дали оние што ќе ги фати „бранот на прекројувањата“ или оние што ќе „ја бранат светата, древната, македонската земја“. Тоа за светот ќе биде само некоја територија со кратенка ФИРОМ… Територија во која не е здраво да се живее, во која луѓето умираат како муви од рак, немаштија, болести, глупост, насилство… Ќе потонеме во задгробната тишина на пропуштените шанси…

Министерот Димитров од говорницата во Собранието кажа дека може да поминат децении Македонија да добие нова шанса. Мислам дека е оптимист. Тврдам дека е преголем оптимист…

Како што стојат работите на Балканот, шансата што ја има Македонија сега – нема никогаш, ама баш никогаш, да се повтори.

Тие што не излегоа на референдум сега се во устата на Мицкоски кој ја присвојува нивната апстиненција. Нека му ја мислат следниот пат кога ќе има изборен процес. Грабливците во политиката секогаш ќе најдат начин да го злоупотребат „народот“. Оној народ чиј број се намалува секој ден, секој час… „Математика“…

Еден мој новостекнат пријател пред некој ден ми рече: „Нема да има кој да нѐ погребе. Сами ќе останеме!“ На здравје нека ви е денот, драги мои сограѓанки и сограѓани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...