Загубена невиност

4063

Фантазијата што се обидува да ни ја продаде новогодишната оптимистичка пропаганда на Владата, дека 2019 ќе била „Година на Економијата“, нема никаква основа во реалниот македонски свет во којшто живееме. Напротив, постојат сите изгледи дека бројните отворени политички прашања од 2018 година само ќе се пренесат и најверојатно ќе се продлабочат во 2019: од губењето време со „хартиените“ реформи и распадот на обидот за правна држава, до реалната можност за пропаѓањето на претседателските избори, што ќе нè воведе или во неопходност од уште едни вонредни парламентарни избори – па, што биде-биде, а да биде ништо нема! – или во нова уставна криза чие дно ќе го бараме со сонар по длабочините на Бајкалското езеро.

И тоа под претпоставка дека Преспанскиот договор успешно ќе се спроведе и од грчка страна, за да отпочне ратификацијата за нашето членство во НАТО. Дополнително што новиот состав на Европската комисија, по европските парламентарни избори во мај, најверојатно ќе стави точка на можноста за западно-балканско проширување на она што ќе еволвира во некаква нова, којзнае каква Европска Унија, на работ од конзервативна, десничарска хистерија.

Од друга страна, не знаеш кој од лидерите и партиите на македонската политичка сцена има повеќе проблеми: дали Заев, чија поддршка во јавноста, во најдобар случај, е преполовена и сведена на општ натпревар по социјалните мержи за тоа кој ќе смисли подобра дупешка за неговото хаотично водство на земјата; дали Мицкоски, кому бројните опоненти во десетината зомби-фракции во и вон ВМРО-ДПМНЕ, власта тукушто му ги оживеа од мртвите, а кои сите би сакале со него да ги наранат крокодилите во мочуриштето на вмровската партиска политика; или разно-разните албански партиски лидери, кланови, маалски банди и етно-мафијашки формации, предводени од ДУИ и Али Ахмети, за кои, чиниш, единствениот натпревар се сведува на тоа кој ќе истрча 100 метри под десет секунди до Буџетот на државата на локално и државно ниво, за да ја собере златната тендерска медала…

Општо земено, превладувачкото чувство е како утрото по вечерта кога, малку поднапиени, сте ја загубиле невиноста: тој што тоа ни го направи се колне дека нема да му се повтори. Е, нема. За нас, вљубени во балансот помеѓу правдата и мирот, после овој секс, никогаш ништо повеќе нема да биде исто. Со тој скинат химен, да не кажам љумфер, ќе мора да се научиме да живееме.

Еден пријател, кој се занимава со истражување на јавното мислење, вели дека во текот на вчерашниот ден направил брза телефонска анкета за да ги сондира ставовите на граѓаните по повод најновите случувања врзани за „националното помирување“ помеѓу елитите на власта и опозицијата… Резултатите што ги добил ги потурил со бензин и ги запалил, заедно со хард-дисковите од компјутерите со податоците од анкетата. Ова ми го раскажуваше вечерта по телефон, од аеродромот во Истанбул, на преседување на лет за Јемен. Вели, доста му е песимизам, сака малку да се одмори во земји со посветла перспектива. Од Јемен ќе заминел за Дарфур, во потрага по подобра инспирација од оваа во Скопје.

Но, факт е дека не треба да се претерува со песимизмот, бидејќи секогаш може да биде и полошо. На пример, да мораме да му се извиниме на Хорхе што, кога пред две години ги аболицираше овие што денеска ги амнестираме, не му признаваме дека беше визионер. А и тој тогаш, ако памтите, зборуваше за помирување, како што денеска тоа го пелтечи и Заев. Само што Хорхе со таа аболиција тогаш сакаше од затвор да ги спаси криминалците од режимот на Груевски, а ние денеска со амнестиите… Добро, де, не е ни важно кој што сакал, важно е да се движиме напред и да има јадење, пиење, тие три работи!

Сепак се лајносавне.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...