Загрозениот сведок денеска ќе сведочи за „крвавиот четврток“

2087
ФОТО: EPA/STR

Во Кривичниот суд во Скопје денеска ќе се одржи ново рочиште за предметот кој се однесува на случувањата во Собранието на 27 април лани и според најавеното, исказ треба да даде последниот сведок предложен од обвинителството. Станува збор за единствениот загрозен сведок во овој судски процес, чиј идентитет не ѝ е познат на јавноста.

На претходните рочишта се сослушаа 36 сведоци предложени од обвинителството, меѓу кои беа и премиерот Зоран Заев, неколку министри и пратеници. Во судница можеа да се слушнат и сведочењата на вработени во собраниските служби, обезбедувањето, полицајци, повиски функционери во МВР, новинарка, како и еден осуден за обидот за убиство на Зијадин Села токму на „крвавиот четврток“.

На обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на држава седат 33 лица, од кои две се теретат за помагање, меѓу нив се и пет актуелни пратеници од опозицијата, организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, функционери од МВР итн. Обвинети се:Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Сите пред судот на почетокот на овој судски процес се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делото кое им се става на товар.

ФОТО: EPA/STR

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...