Заговорот на сијамскиот близнак

2601

Немам ништо против што потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, во колумна во „Независен весник“, влегол во жестока политичка конфронтација со ДУИ. Дури немам намера ни да ги толкувам неговите мотиви за тоа. Само ми пречи бесмисленоста на заговорничката теза што тој ја пласира како појдовна основа за судирот со ДУИ: Николовски реторички се прашува дали потпретседателот на нашата Влада, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, имаат таен договор Османи намерно да ја успорува евро-интегративната реформска агенда на нашата држава, за премногу да не ја „засениме“ Албанија со нашата успешна европска приказна, па Албанија наместо со нас, да остане „врзана“ за Босна и Херцеговина и за Косово во „тимското“ припојување кон Унијата?!

Од таа теза, натаму, Николовски разврзува цела конспирација, на линија на добро познатите српско-македонски националистички тврдења за тоа дека на Албанците, во принцип, не треба ништо да им се верува, бидејќи тие, како и да го свртиш – а особено кога еден од Албанија и еден од Македонија, ужас, ќе се сретнат на Косово!!! – работат само за големоалбанските интереси на Балканот. Не го кажува тоа Николовски баш со тие зборови, но токму тоа го мисли.

Централниот доказ, пак, за разложување на овој регионален албански заговор, Николовски го дава во тврдењето дека „сите знаат дека основна одлика на оваа [македонска] влада е неспособност, Владата е целосно неспособна да испорача суштински реформи во клучните области, пред сѐ во делот на поглавјата 23 и 24, а тоа е владеењето на правото и борбата против корупцијата“. Ерго, бидејќи потпретседателот за евро-интеграции е Албанец (Бујар Османи), а и министерот за правда во оставка (Билен Саљији) е Албанец, тогаш тоа, само по себе – бидејќи „сите знаат“ за неуспехот во поглавјата 23 и 24 – е доволен доказ дека се работи за координирано кочење на земјата во нејзината евро-агенда, а за сметка на конспиративните големоалбански интереси.

Човек навистина да се умори од македонскиве националистички недоветни траскања. Да си од ВМРО-ДПМНЕ, по десет години власт во коалиција со сијамскиот близнак ДУИ, и да тврдиш дека оваа десетмесечна Влада е неуспешна во „владеењето на правото и борбата против корупцијата“ (што, нели, „сите го знаат“!), не е проблем само на политички безобразлук, туку е и прашање на недостаток на елементарно домашно воспитување, како кога, пред сите, би си го исекнале носот на сред вечера во чаршафот на масата. А на тој безобразлук да додадеш и теорија на големоалбански заговор, е тоа е како и шлајмот од грлото да го плукнеш во празниот филџан кафе!

Но, тоа е само едното, попримитивно политичко ниво на кое оперира сегашното раководство на македонската опозиција. Другото, повисоко ниво, е она на пропуштената политичка шанса од страна на ВМРО-ДПМНЕ да се сподели политичкиот успех на македонската евроатлантска приказна, не само заради куртоазноста со која и комесарите на Европската комисија и Заев решиле широкоградо да ја честат опозицијата со европски комплименти само затоа што, замислете, се вратила во Собранието; туку и затоа што овој момент на славење нема да трае предолго, а којзнае кога ќе биде следната прилика за опозицијата да се „очеша“ од европскиот „ѕвезден прав“ со кој од Брисел решиле малку да нè подзаросат.

И сето ова, дури, и нема врска со квалификациите на ДУИ како партија на криминалот и на изневерените албански домаќински, а не само национални очекувања. Тие оценки, во најголема мерка, се точни, а и благо формулирани.

Само немој ти, потпретседателе Николовски, ко Бога те молам!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...