Два стари и ненаселени објекта во две атински населби се урнале во денешниот земјотрес, а регистрирана е штета на фасадите на домови во неколку населби во Атина и не постојат наводи за сериозно повредени лица, изјави портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, јави дописничката на МИА од Атина.
Противпожарната служба на Грција добила повици од граѓани кои биле заглавени во лифтови.
Портпаролот на грчката Влада истакна дека државниот механизам е во состојба на готовност, доколку биде потребно.
– Премиерот континуирано се информира. Министерството за национална одбрана е на располагање во случај да биде потребна помош. Препорачувам смиреност и ги повикувам граѓаните да се информираат и да ги преземаат неопходните мерки за нивна заштита – вели Пецас.
Тој објасни дека земјотресот се случи во 14.13 часот, со интензитет од 5,1 степен според Рихтеровата скала, а епицентарот се наоѓал на 23 километри северозападно од Атина на планината Парнита.
ФОТО: EPA / SIMELA PANTZARTZI