Најмалку 20 луѓе загинаа во насилните протести против зголемување на трошоците за живот во Чиле, објави државното Министерство за правда.
Министерството соопшти дека од почетокот на демонстрациите на 6 октомври повредени се вкупно 1.218 лица, меѓу кои 745 припадници на безбедносните сили.
Антивладините протести, кои почнаа како реакција на сега одложениот пораст на цените на превозот од четири отсто, на 19 октомври се претворија во улично насилство.
За време на немирите уништени се 49 станици од метрото и запалени се 26 автобуси.
Ширум Чиле уапсени се повеќе од 9.200 луѓе, додаде Министерството за правда.
Минатата седмица демонстрантите ги прескокнаа механичките капии на метро станиците во главниот град на Чиле без да платат карти во знак на протест против зголемување на цената на превозот од четири отсто.
Со цел да стави крај на уличните судири, чилеанскиот претседател Себастиан Пинера најави отстапки, вклучувајќи и откажување од зголемувањето на цената на превозот.
Тој вети и зголемување на минималната плата и ставање „на чекање“ до следната година на поскапувањето на електричната енергија.
Според податоци на Државната управа за статистика, половина од чилеанските работници месечно заработуваат 550 долари (околу 500 евра) или помалку.
ФОТО: EPA / ALBERTO VALDES