„Балкан енерџи“ информира дека на 15 април завршува грејната сезона.
„Во согласност со Правилата за снабдување со топлинска енергија и временските услови, грејната сезона за 2017/ 2018 започна порано од вообичаеното, односно на 7 октомври 2017 година. Вообичаено, грејната сезона трае од 15 октомври во тековната календарска година до 15 април во наредната календарска година и истата може да почне порано или да биде продолжена во зависност од временските услови. Доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија, грејната сезона може да биде продолжена, но најмногу до 30 април“, појаснуваат од компанијата.
Од компанијата информираат дека количината на испорачаната топлинска енергија и времетраењето на испораката се одвива согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која носи конечна одлука за почеток и крај на грејната сезона.
Во следниот период Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје ќе изврши порамнување на сметките што потрошувачите ќе ги добијат за мај, јуни и јули, согласно количината на испорачана топлинска енергија во текот на грејната сезона, односно ќе се изврши порамнување меѓу прогнозираната и реално испорачаната топлинска енергија.
Висината на порамнителните сметки е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот и секако од количината на испорачана топлинска енергија во согласност со надворешните временски услови.
Потрошувачите во текот на грејната сезона во месечните сметки добиваат податок за потрошената топлинска енергија. Доколку на крајот од грејната сезона е потрошена повеќе топлинска енергија од прогнозираната која е авансно пресметана тогаш разликата ќе биде распределена на три еднакви рати и соодветно фактурирана во сметките за месеците мај, јуни и јули. Ако пак потрошувачот со авансните сметки за топлинска енергија кои се доставуваат од месец август заклучно со месец април авансирал повеќе од реално потрошената енергија, тогаш разликата ќе биде вратена на неговата трансакциска сметка, доколку нема заостанати долгови.
Согласно со законската регулатива, сметките за топлинска енергија се состојат од фиксен дел, кој претставува надоместок за ангажирана топлинска моќност и варијабилен дел кој е надоместок за испорачаната топлинска енергија.
Потрошувачите што ја плаќаат топлинската енергија на 12 месечни рати, од август во тековната година, до април следната година, добиваат месечни сметки во кои покрај фиксниот дел, им се пресметува и авансен варијабилен надоместок. За месеците мај, јуни и јули 2018 година, овие потрошувачи ќе добијат фактури во кои е извршено порамнување на варијабилниот дел и на фиксниот дел согласно со законската регулатива.