Денешното рочиште за случајот за 27 април за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста е последно за 2018 година и на него адвокатите изведуваат дополнителни докази на дел од обвинети. За Митко Чавков и Душко Лазаров се изведуваа материјални докази од МВР, за актерот Владо Јовановски се извезуваше доказ записник за сообраќаен прекршок и мандатен платен налог од 27 април лани… Дополнителни докази на денешното рочиште ќе имаат и Мунир Пепиќ и Игор Југ.
Денеска, според планот треба да се заврши со изведување на сите дополнителни докази и од следното рочиште да се започне со завршни зборови. Наредното е закажано за после празниците, на 9 јануари 2019. Сепак, не се исклучува можноста завршните зборови да се пролонгираат за неколку дена ако обвинителството побара повеќе време за да се подготви и да направи допрецизирање на обвинението, посебно ако се има предвид дека на сила е Законот за амнестија.
Вчера заврши рокот за поднесување барање за амнестија. Последната бројка на стигнати барања за овој и за сите други предмети за 27 април е 64. Денеска би можело да стигне уште некое ако некој го испратил барањето вчера по пошта. Од Кривичен сите барања ќе ги достават до обвинителството на мислење, а откако ќе добијат одговор оттаму судот ќе има рок од 5 дена да донесе решение кој ќе биде амнестиран, а кој не.
Очекувањата се дека одлуките за амнестија ќе се знаат пред завршните зборови.