Завршната сметка на Буџетот за 2018 година во Собранието

93

Приходите во минатата година во Буџетот се реализирани во согласност со очекувањата. Расходите се извршувале редовно и навремено, а дефицит бил помал од проектираниот и изнесува 1,8 отсто од БДП, изјави заменик-министерката за финансии Ширет Елези, образложувајќи ја Завршната сметка на Буџетот за 2018 година што денеска беше на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет. 

 Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија се реализираа во износ од 188,5 милијарди денари и истите се наменија за финансирање на расходите реализирани во износ од 200,1 милијарди денари. Остварувањето на приходите и расходите во наведените износи резултираше со дефицит на Буџетот на Република Северна Македонија во износ од 11,5 милијарди денари, при што истиот бележи помала реализација во однос на планираниот за 6,5 милијарди денари и е реализиран на ниво од 1,8% од БДП – појасни заменик-министерката.

Таа потенцира дека минатата година имало одлична наплата на даночни приходи со 99,9 отсто реализација од проектираното или во споредба со претходната година наплатата била подобра за 9,4 отсто.

Елези рече дека приходите од социјалните придонеси биле остварени целосно и тие обезбедиле редовно финансирање на законските обврски на социјалните фондови.

– Во рамки на вкупните буџетски расходи, тековните расходи се остварија во износ од 187,9 милијарди денари, односно пониска реализација од 2,1 отсто во однос на планот, како резултат на строгата контрола на трошењето на овој вид расходи без притоа да се наруши редовното покривање на сите обврски на државата и непречено остварување на функциите и активностите на буџетските корисници – рече заменик-министерката.

Елези посочи дека финансирањето на буџетскиот дефицит во 2018 година се реализирало согласно со целите за прудентно управување со јавниот долг, односно со најнизок можен трошок и развој на ефикасен домашен финансиски пазар.

За опозицијата, 2018 година е една од најлошите години финансиски, со неостварени ветувања и потфрлања кај капиталните инвестиции.

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека завршната сметка е вистинска слика каде власта ги потрошила парите на граѓаните и дека оваа завршна сметка треба да биде освестувачки документ дека повеќе не може вака да се продолжи.

– Ништо не остваривте. Имате само сомнителни тендери. Сѐ нешто сомнително и сѐ за што немате аргумент да го побиете. Мора да се ослободите од ова и вие. Граѓаните не знаат повеќе каде да одат. Од една страна направивте целокупната атмосфера и сѐ ова дека ВМРО е криминално и дека има криминали. Вие за две години направивте ршум и граѓаните не знаат повеќе на кого да веруваат. Навистина како политичари доволно е да се надмудруваме. Но, еве оваа завршна сметка од 2018 година нека ви биде документ за освестување дека не може повеќе така. Почна со 0,9 отсто првиот квартал, се стигна до 2,7 отсто – рече Кузмановска.

Таа оцени дека има слаба реализација и потфрлање на капиталните инвестиции во патната инфраструктура, образование, здравство и социјала, оценувајќи дека во 2018 година има целосно потфрлање кај капиталните инвестиции.

– Сериозно сум загрижена од ова што е исполнето и како се завршила 2018 година. Има голем дел нереализирани ветувања. Како што тргнало опозицијата сигурно ќе дојде на власт. На овој народ му требаат аргументи. Ако е некој виновен нека се затвори. Да се направи политички прогон. Сами себе се испозатворивме, а тие што ги направија криминалите се надвор, рекетираат. Тоа е срамно и жално – рече Кузмановска.

Таа се осврна и на законското решение со кое државата помогна да се раздолжат локалните самоуправи, со кое, како што рече до нив дошла информација дека се развил сомнителен процес на одбирање на кои бизнисмени ќе им се дадат пари.

– Поголем дел бизнисмени се жалат. Се повикувани дека ќе им се плати ако нешто дадат во интерес на одредена структура или одредени луѓе. Тоа е срамно и жално и бедно во оваа држава – рече Кузмановска.

Реплицирајќи, Костадин Костадинов од СДСМ рече дека опозицијата треба да биде прв критичар на власта, но, како што рече, без да шири лажни вести и да ги манипулира граѓаните.

– Со такво ВМРО, со таква опозиција, со нерасчистени криминали уште долго ќе останете опозиција – истакна Костадинов.

Во репликата во однос на споменатите рекети тој наведе дека денеска обвинителката Вилма Русковска соопштила дека прв кој го пријавил случајот „Рекет“ е премиерот Зоран Знаев.

– Работиме во интерес на воспоставување правна држава. Она што значи граѓанска обврска пред законите и Уставот, а најмногу пред граѓаните на Република Северна Македонија и тоа го направил премиерот, но на сметка на тоа има еден многу важен момент. Вчера поставивме две прашања во однос на случајот што сметаме дека доколку не добиеме одоговр може драстично да ја промени ситуацијата дополнително и бараме независните институции детално да го разгледаат случајот, во интерес на правната држава и нормално во интерес на сите граѓани на РСМ – рече Костадинов од говорницата на Комисијата за финансирање и буџет, повторувјаќи ги прашањата упатени до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во однос на завршната сметка Костадинов посочи на тоа со колкав јавен долг ја оставиле државата и дека во сите проекти што ги почнала власта на ВМРО-ДПМНЕ, имало проблеми што СДСМ требала да ги отстрани.

За успешноста во 2018 година, наведе тој, покажува бројката за намалување на невработеноста, како и на тоа дека се работи на изградба на 60 патни правци.

Завршната сметка ја образложи заменик-министерката Елези, бидејќи во Министерството за финансии во моментов нема назначено ресорен министер, а претседателката на Комисијата, Лилјана Кузмановска забележа што Министерството за финансии не доставило писмено кој раководи со Министерството, откако беше разрешен министерот Драган Тевдовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...