Лидерот на СДСМ Зоран Заев потврди дека Централниот одбор на владејачката партија утврдил четири кадровски решенија за новата техничка влада. За технички премиер е номиниран актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Бојан Маричиќ е нов секретар за меѓународна политика на СДСМ, на местото на Дане Талески, кој заминува како амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел.
За коалицијата со ДУИ Заев рече дека е анализирана состојбата со амандманите за Изборниот законик. Изрази надеж дека СДСМ и ДУИ ќе продолжат заедно.
-Пополнувањето на местата во техничката влада се потврда за нашата сериозност да има избори на 12 април. Јас на 3 јануари ќе ја депонирам оставката и со тоа паѓа целата влада. Претседателот Стево Пендаровски потоа треба да му го даде мандатот на Спасовски. За прашањето за една изборна единица, пак, можеме да одлучуваме до 12 февруари, кога ќе биде распуштен парламентот – изјави Заев, по седницата на ЦО на СДСМ.