Со повеќе средби од интерес за економската иднина на државата денеска македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев ја заврши посетата на Давос, каде учествуваше на Светскиот економски форум.
Владината прес-служба соопшти дека прашањата за развој на соработката и за динамизирање на интегративните процеси во регионот доминирале на средбите со словенечкиот премиер Марјан Шарец, косовскиот претседател Хашим Тачи и со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.
Соговорниците, како што се наведува во соопштението, му честитале на премиерот Заев за успешниот развој на спроведување на Договорот од Преспа и истакнале дека овој процес е силен поттик за идниот развој на односите во регионот.
Премиерот Заев остварил средба и со германскиот министер за здравство Јенс Спан со кого заеднички оцениле дека соработката и меѓусебната поддршка меѓу двете земји е сериозен потенцијал да се развие соработката и во областа на здравството со размена на искуства и усовршување на медицинскиот персонал.
Премиерот Заев и вицепремиерот задолжен за економија Кочо Анѓушев оствариле средба и со извршната директорка на Светска Банка, Кристалина Георгиева, со која разговарале за можностите за олеснет проток на производите и услугите во регионот на Западен Балкан.
Заев остварил работни средби и со менаџментот на повеќе светски компании, како што се Sun Group India, на која биле разгледани можностите за соработка во областа на обновливите извори на енергија, како и со претставници на компаниите CISCO, Philips, Google Jigsaw со кои разговарале за можностите за соработка во областа на високите технологии и информатичката индустрија.
За време на Светскиот економски форум, министерот за економија Крешник Бектеши учествувал во работата на иницијативата за заедничка декларација за е-трговија во организација на Светската трговска организација, која, како што наведуваат од Владата, е важна за Република Македонија пред се за претприемништвото, продуктивноста и економскиот раст на државата.
Во текот на дводневниот престој во Давос, премиерот Заев учествуваше и на форумите и дебатите „Креирање на силно партнерство за економски раст и мир на Западен Балкан“ и „Иднината на Трансатлантската алијанса“, а оствари и средби со еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан, со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и со финансиерот и филантроп Џорџ Сорос.