Напад врз демократијата е кога дезинформациите што предизвикуваат страв и манипулација кај населението се шират координирано од пропаганди центри, намерно и тенденциозно преку употреба на сериозни човечки и технички ресурси, објави вечерва Марјан Забрчанец, советник на премиерот Зоран Заев.
„Целта на овие напади врз демократијата е да го загрозат демократското право на точно информирање на граѓаните и да влијаат со невистини врз нивното мислење и врз нивните одлуки, особено за време на избори и референдуми.
Напад врз демократијата е кога пратеник изговара лага со која го руши угледот за својата земја и на своите граѓани и истата координирано, во рок од 30 минути се споделува на 10 веб страници и 30 фејсбук страници.
Напад врз демократијата е кога лага од типот ‘Се градат кампови, земјава ќе ја населат стотици илјади мигранти’ координирано излегува од веб портали, телевизии, фејсбук страници и групи кои подоцна не ги објавуваат официјалните деманти на институциите. Кога ваквите лажни вести се создаваат и шират за да создадат паника и да влијаат врз правото да се информираме правилно и да носиме информирани одлуки преку алатките за непосредно одлучување, несомнено станува збор за напад врз демократијата.
Организираните напади врз демократијата бараат организирана одбрана на демократијата која е можна само преку алармираност и посветеност на што е можно повеќе општествени капацитети кои се грижат за јавниот интерес.
Од најавената борба против дезинформациите ќе настрадаат единствено ефектите на центрите за ширење лаги, страв и паника кај населението“, напиша Забрчанец на својот профил на Фејсбук.