Заборавиле кога снимале дојки, додека стасаат резултатите од мамографија

Министерството за здравство планира да воведе посебна линија (call centar) за оваа намена, а воедно и можноста за жената за својот преглед, на нејзино барање, да го добие одговорот на мејл

589

Неколку пациентки од Скопје кои уште кон крајот на август биле повикани на мамографско снимање на дојки преку организираниот скрининг, тврдат дека сѐ уште ги чекаат резултатите од прегледот.

– Баш се израдував кога ми стаса картичка дека треба да закажам мамографија на дојки преку организираниот скрининг. Имам 52 години и сум во групата која треба редовно да ги прави овие прегледи, на секои две години. Дополнително ми олесни тоа што не морав да закажувам преку „Мој термин“ и да чекам, но и тоа што снимањето беше бесплатно. Се јавив на телефонот и ми закажаа мамографија некаде во средината на септември, кога и се снимив на Клиника за радиологија, а ми посочија  дека резултатите ќе ги добијам по пошта. Но еве поминува и ноември, а јас не ги добив резултатите – раскажува скопјанката М.Т.

Таа ги напишала личните податоци, сосе адресата на живеење, во прашалникот што ѝ бил даден пред да се сними.

А пак, други пациентки кои направиле мамографија во оваа установа, но со закажување на „Мој термин„, во редовна постапка, тврдат дека за 4 дена ги добиле резултатите.

– Се снимив во четврток, а ми рекоа дека од среда ќе биде готов наодот, што и се случи. И пријатно сум изненадена што не се чека и по две -три недели за резултат – вели 55-годишна скопјанка Љ.П.

Во врска со тоа која е причината зошто некои пациентки чекаат повеќе на резултатите, од Министерството за здравство со одговор:

– Согласно препораките од програмата за скрининг, извештаите од лекарите треба да се пишуваат следниот ден по снимањето, а најдоцна до 7 дена. Потоа одговорите автоматски се подготвуваат и се испраќаат по пошта (неколку пати во месецот). Инаку, Управата за Електронско здравство досега е информирана само за еден случај (во октомври годинава), на УК за радиологија заради технички превид, резултатите од прегледот се подоцна внесени од страна на лекарите – тврдат од ресорното Министерство.

Надлежните потсетуваат и дека телефоните за закажување на прегледот се во Центрите за јавно здравје и сите жени дополнително може да се обратат (и тоа е наведено во поканата) на мејл  адреса: mamografijaskrining@zdravstvo.gov.mk, која може да се користи и за сите други информации поврзани со скринингот.

Од Министерството за здравство денеска појаснија дека ќе воведат и нови начини за информирање на пациентките.

– Министерството за здравство планира да воведе посебна линија (call centar) за оваа намена, а воедно и можноста за жената за својот преглед, на нејзино барање, да го добие одговорот и на мејл – додаваат надлежните.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...