Заборавена етика

Состојбите во здравството, образованието, културата … само ја дополнуваат сликата за неетичка, асоцијална, аморална, висококоруптивна држава. А тоа не е сликата на „Шарената револуција“, на граѓанските протести, на барањата за пад на режимот и воспоставување нова демократска власт којашто ќе се грижи за потребите на граѓаните.

634

Ако државата е само едно (по)големо семејство, или фирма, како сакате, тогаш и во неа важат истите или сличните правила на однесување како и во потесното семејство. Ако едно четиричлено, или петчлено семејство има свои правила / кодови на однесување, начин на комуникација, ред, права и обврски … истите нешта, повеќе или помалку, само се пресликуваат на пошироко / повисоко рамниште наречено држава. И се мултиплицираат, се разбира. Што ќе рече: како што во семејството се почитуваат востановениот ред, обврски и комуникација, така и во државата – многукратно засилено – важат нештата наречени права и обврски на власта и граѓаните, интегритетот, одговорноста и почитувањето на етичките и моралните вредности, почитувањето на законите итн. Несоодветното однесување се санкционира, и во семејството / фирмата и во државата! Една од битните сушности на човекот, она што го разликува од животинскиот род, е оценувањето на сопствените постапки. А како и за секое оценување, неопходни се референцијални и поидовни вредности и стандарди. За тоа е измислен тој таканаречен систем на вредности во којшто етиката и етичкото однесување завзема високо место. И нивното / нејзиното учење започнува од најраната возраст, од семејството, училиштето, работното место … општеството. Се разбира дека животот наметнува конфликти и етички дилеми, но тие се разрешуваат токму според начелата / вредностите на опкружувањето: семејството, училиштето, работното место … општеството тоест државата!

Насловот во извесна смисла сугерира дека ние, некогаш, во некое блиско или подалечно време, сме го имало тоа „нешто“ што се нарекува етика, па сега као тоа „нешто“ сме го заборавиле, лежи затурено во некој ќош а ние не го гледаме. Не, не е така. Ние секогаш сме биле скарани со ова „нешто“, иако можеби порано – мислам на она време во онаа бивша „омразена“ држава – етиката беше многу, многу поприсатна во македонското секојдневие, во сите сегменти. Еден од можните одговори е: етиката / етичноста зависи првенствено од власта, која и да ѐ и каква и да ѐ, односно ако таа е етична во практицирање на нејзините политики, ако таа инсистира на етиката како составен или уште подобро како еден од нејзините врвни приоритети / прерогативи, тогаш и таа, етиката, ќе стане инхерентен сегмент во општествените односи. Но ако власта, која и да ѐ и каква и да ѐ, инсистира на терминот владеење со сопствениот народ, таму етичност не може да има! Владеењето и етиката се антиподи, спротивставени поими коишто не се среќаваат во практиката. А кај нас тоа е безмалу редовна појава односно дури и кога не сакаат, на македонските политичари владеењето им е составен дел од секојдневниот речник, дури и несвесно им излетува и во најбизарни ситуации, потврдувајќи ни дека желбата за гола власт е сепак поголема од волјата за каков и да ѐ придонес во демократскиот развој на државата и унапредувањето на животот на граѓаните.

А сепак, да не заборавиме, целото граѓанско движење наречено „Шарена револуција“, но и сите оние протести неколку години пред него како негова увертира, громогласно бараа / најавуваа Етика на власта. Зашто, ако сакате, а што инаку, како крајна консеквенца, значеше паролата „Нема правда – нема мир“? И не само таа парола туку и речиси сите други, лични или групни, во самата нивна суштина бараа целосно ново однесување на македонската власт. Ново во секоја, па и во етичка смисла! И тогашната опозиција – сега власт – тоа го прифати како нејзин долг кон тоа движење коешто, кој како сака нека каже, помогна во рушењето на неетичкиот режим. Е сега споете ја почитуваната млада претставничка на Министерството за финансии и нејзиното „образложение“ за враќање на рамниот данок со кои и да сѐ етички принципи на современо демократско општество! Речник како излезен од времето на најцрниот капитализам, ако не и робовладетелско општество: та како ќе сме привлекле странски инвестиции со прогресивно оданочување (sic), та како ќе било ова, та како ќе било она? Па продадете го народот на странците и тогаш ќе мора да им работи и за беспари! И странските фирми ќе бидат презадоволни!!!

Но тоа е само еден, последен, актуелен пример на неетичко однесување – дури потценување и понижување – на власта кон сопствениот народ. Етиката во таков случај можеби би прашала: а кој е поважен, народот или странските инвестиции? Но, велам, тоа е само последен пример којшто, велат некои, може да се толкува, дури (о)правда во предвечерието на најавените избори и борбата за гласови. А сепак, и тој е речиси безначаен спореден со повеќегодишните смртоносни игри на државата со загадувањето, со медиокритетските споредби со земјите на Европската унија во таа насока, со измислувањето на стоиедна друга (во основа наивна) причина за катадневното труење на граѓаните наместо енергичното справување со најголемите и на сите познати загадувачи. Или нереагирањето, дури толерирањето на оние скандалозно беспризорни изјави на македонските таканаречени бизнисмени за продолжувањето на работното време на работниците во нивните погони заради користењето на полчасовната пауза, за најавениот „штрајк“ на работодавачите и слични идиотштини. Ако кон тоа се додадат „плановите“ (од кого, со чија согласност?) за претворањето на Скопје во мравјалник за 800.000 жители, доупропастувањето на Кисела вода со дополнителни 100 згради преку континуираната спрега со градежната мафија, тогаш она другоно, оние Катици и Бокиевци, оние ситни крадци и малверзанти – кои, патем, се токму попатен производ на неетичката држава – заличува на детска игра!

Сето тоа не ја дава очекуваната од власта позитивна слика за државата како добар потенцијален инвестициски пазар – или таа изгледа „привлечно“ само кај мал дел од ситните меѓународни хохштаплерчиња – туку во високоразвиениот демократски свест остава впечаток за држава која не се грижи за сопствените граѓани, ги нуди како толпа за експлоатирање и тормозење, секојдневно свесно ги труе и омаловажува со играње криенки со вистината. Состојбите во здравството, образованието, културата … само ја дополнуваат сликата за неетичка, асоцијална, аморална, висококоруптивна држава. А тоа не е сликата на „Шарената револуција“, на граѓанските протести, на барањата за пад на режимот и воспоставување нова демократска власт којашто ќе се грижи за потребите на граѓаните. Во основата на таа грижа секогаш стои Етиката како примарен столб на правичната и правдољубивата држава!

Од друга страна, секогаш можеме, и мораме, да (на)правиме разлика помеѓу систем и поединец, помеѓу општо и поединечно. Во случајов: помеѓу целосно неетичкиот систем на режимот на злосторничкото здружение наспроти сегашните, за среќа се’ уште инцидентни манифестации на ниска свест, неетичко и неморално однесување на ниво на поединци и/или интересни групи. Иако, за волја на вистината, секојдневното енормно загадување, пренаселеноста, коруптивните афери … веќе попримаат димензии на хронично системско заболување. И за тоа има многу причини, се разбира. Голем дел од нив се можеби лични / семејни и зависат од средината (семејството пред сѐ), но вистинското огледало секогаш е – државата. Ако тоа е искривено, и однесувањето на поединецот ќе биде такво!

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...