И покрај тоа што денеска Венецијанската комисија ги повика македонските власти да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни, вицепремиерот Бујар Османи мислењето на Комисијата го оцени како победа на европска мултиетничка Северна Македонија.
Тој вели дека Венецијанската комисија ја поздравува проширената употреба на албанскиот јазик и ја поддржува двојазичноста на банкнотите, се прогласува за ненадлежна за да ја проценува уставноста на законот и дава практични забелешки за подготвеноста за двојазичност во судството и за висината на казните.
Вицепремиерот додава дека и покрај „деструктивното лобирање и на наши претставници таму“, може да се продолжи со доследна имплементација на законот.
На прашање на Плусинфо, дали ова значи дека постои подготвеност да се намалат казните и да се почека или да се ревидира делот на примената на албанскиот јазик во судството, Османи вели:
– Треба да ги зголемиме напорите за создавање капацитети што побрзо за употреба на законот. Тоа е поправилниот пристап – изјави Османи за Плусинфо.