„Жуто комбе“ – зелен рај и одмор од секојдневното лудило

На влезот од селото Бардовци деновиве се отвори ново место, впрочем, единствен организиран простор во ова село во кое освен староседелци, последниве години се доселија и голем број луѓе од градот. Станува збор за крчма која освен со чудното име, од останатите се разликува и со инвентарот, изработен со реставрирање на стари дотраени парчиња од дрвена граѓа, но и со 40 новонасадени овошки, детското катче и начинот на кој таму ќе го решаваат проблемот со отпадот од храна.

5355

Кај нас кога ќе се каже „жуто“ (по скопски), или жолто (на литературен македонски јазик), на сите веднаш им се јавуваат асоцијации за тајни служби и, се разбира – за „Бардовци“. Деновиве многу се најавуваше отворањето на крчмата „Жуто комбе“ на самиот влез во селото Бардовци, па отидовме таму да видиме за што станува збор.

Само што што го поминавме археолошкиот локалитет на античкиот град Скупи во близина на Бардовци и свртевме кон селото, здогледавме интересна зелена дрвена табла на која со силна жолта (жута) боја пишуваше: Крчма „Жуто комбе“, а пред крчмата стоеше паркирано едно жолто комбе.

Набрзо се појави сопственикот на ова ново место на само 11 километри од центарот на Скопје, Пане Темов, инаку, сопственик на Првата македонска крафт-пиварница “Темов“ и на  Пивницата „Стар град“, сместена во Старата скопска чаршија.

Го прашавме зошто токму името „Жуто комбе“, а тој искрено ни одговори: „Иако нам на повозрасните тоа ни е синоним за нешто што отстапува од нормалноста, ова место го замислив токму како место кадешто сите ние кои сме полудени од секојдневниот стрес, од трчање по обврските, ќе можеме да се изрелаксираме, да здивнеме, да земеме душа, да најдеме мир и спокој, да слушнеме како птиците пејат, а петлите кукурикаат, да каснеме некое домаќински зготвено јадење, или пак да фрлиме мевце на жар, да каснеме вкусно козјо сирење и да се напиеме домашно пиво.

Целиот текст прочитајте го на порталот „Арт кујна“.

Фото: PS visualart

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...