Макрон e како Марија Антонета која заврши на гиљотина. Кога гладните се жалеле дека немале за леб, сопругата на Луј XVI цинично им велела: „Ако немате леб, јадете колачи“. Со поскапувањето на горивото, Макрон ни порача во истиот стил, навредено изјавува еден од „жолтите елеци“: Ако немате за нафта купете си ново возило кое троши помалку“. Нема сомнение дека, денес во Европа лебот повеќе не е мерило за сиромаштијата. Французите не се задоволни од постојаните поскапувања на нафтените деривати, електричната енергија и падот на куповната моќ. Експертите сметаат дека, протестите и незадоволствата на „жолтите елеци“ се резултат на наследени слабости од изминатите неколку децении. Поранешниот претседателски кандидат, социјалистката Сеголен Ројал истакна дека на Франција и е неопходна „социјална правда“.
„Со децении се манифестира големата „социјална фрактура“ и постојаниот растечки гап помеѓу богатите и сиромашните“.
„И јас сакам моите деца да ги носам во Дизниленд, но дури и со прекувремената 56-часовна работна недела, едвај сврзувам крај со крај..“ изјавува еден од демонстрантите.
„Платежната моќ на Французите назадуваше, затоа и не е чудно што Французите доживуваат голема криза на идентитетот“, пишува париски Фигаро.
Или оставка од Макрон или револуција?
Председателот Макрон е млад, динамичен, но и преамбициозен политичар. Насекаде настојува да се престави како голем реформатор, и тоа од локалната до централната власт, од левицата до десницата, од Европската Унија до Балканот, од Г-20 до Украина, Русија и Блискиот Исток.
Во 2018, неговата даночна политика на Франција и обезбеди рекордни 1000 милијарди евра односно 48,4 отсто од БНП, која е за 3,1 отсто поголемо од онаа во 2017 која изнесуваше 45,3 отсто од БНП. За 2019 со поскапувањето на данокот на нафтата и нафтените деривати, најави ново поскапување од 1 јануари 2019. „Вазата се прели“, на 17 ноември кога беше организиран првиот протест на „жолтите елеци“, што ги поседува секој возач. Претходниот ден 32 годишната Писцилија Лудоски, иницира петиција против порастот на цената на горивот, која за 24 часа ја потпишаа над 1 милион Французи. Во сабота на 17 се случи спонатаната манифестација на „жолтите елеци“ низ цела Франција на кои излегоа околу 900 000 луѓе облечени во „жолти елеци“. Ги блокираа главните патни артерии, бензинските станици и најубавата авенија во светот Елисејските Полиња, на која досега никој не протестирал. Од тој ден секој викенд, овие луѓе протестираат со силни барања против Претседателот Макрон кој во изминатите недели не се изјазни: „Макрон демисион-Макрон-оставка“,„Или оставка или револуција“. „Жолтите елеци“, не прифаќаат делумни решенија. „Така ќе тераме секој викенд. Ветувањата за мораториумот на цените на горивото се привремени. Бараме пораст на платите и подигање на куповната моќ“ порачува еден од осумте порт-пароли на „жолтите елеци“.
Дали „жолтите елеци“ победија?
Да, тие се победници, но бараат многу повеќе. Со блокирањето на цела Франција, го свртија вниманието на власта. „Бараме политичарите да излезат од своите удобни фотељи“ порачаат Французите. „Владата ја чу лутината на жолтите елеци“, одговори премиерот Едуар Филип. Меѓутоа, претседателот Макрон, сѐ уште одбива да ги прими. Единствено од состанокот на Г-20 во Буенос Ајрес изјави дека го „подржува секое право да се демонстрира, но е против насилствата“. Денес цела Европа и свет зборува за нив. Многу Французи не заминаа на викенд, на спортски мечеви, на културни настани. Продавниците, музеите, Ајфеловата кула, Триумфалната капија, беа затворени по масивните кршења на излозите и и пљачкосување. „Жалиме што во нашите редови се инфилтрираа, кршачите-les casseurs“.Тие најмногу ни штетат“, констатира еден од портпаролите на „жолтите“ Ерик Друе. Нашата манифестција е 100 отсто пацифистичка, ќе ги исфрлиме кршачите кои одат на судир“, порача портпаролот Максим Никол.
Оваа сабота француската полиција со околу 90.000 мобилизирани чувари на редот многу подобро се органзизира. Беа спречени големите кршења и палења, но состојбата и натаму останува тензична. Засега Париз интензивно се чисти, градот е ишаран со графити, а „Макрон ке има што да чита“, порачува еден од некогашните учесници на легендарните демонстрации од 1968-та. Кои се лидерите на движењето? Нема лидери. Луѓето се пронашле со истите идеји на социјалните мрежи и не зависат од ниту една партија, од ниту лидер. За само еден ден биле разменети повеке од 1 милион твитеви.
ВМРО-ДПМНЕ сонува за македонските „жолти елеци“
Меланшон од Непокорена Франција, кого го сметаат да екстремно левичарски популист, им даде подршка на „жолтите елеци“: „Ако до идниот викенд Макрон не попушти ке има уште поголеми протест“. Владата на Макрон „мора да ги спушти гаките“ –baisser le culotte. „Тој треба да го распушти Парламентот. Тоа го правеле сите претходни претседатели“. Социјалистите на Оливие Фор и Хамон, се заложија за „социјални реформи и социјална правда“. „Макрон треба да го запре инферналниот воз на даноците“. Партијата на Републиканците, класичните десничари на Лоран Вокие смета дека не треба да се профитира од ситуацијата туку да се биде конструктивен : „да се чујат нивните барања но не треба да се блокираат улици и да се палат колите и продавниците“. Екстремната десница на чело со Мари Ле Пен слично на Меланшон силно ги подржа „жолтите“ дури таа им предложи да манифестираат на Елисејските полиња. Ехото на „жолтите елеци“ е присутен и на Балканот и во Македонија. Нема сомнение дека сонот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ е да создаде македонски „жолти елеци“. Нивните партиски истомисленици од „Блокирам“, веке почнаа да носат по некој жолт елек .Тие настојуваат да создадат слична состојба и во Македонија, пред се во Скопје со блокирањето на улиците, што значително го загадува и така загадениот воздух во главниот град. ВМРО-ДПМНЕ во битката против Договорот од Преспа постепено почнаа да додаваат и социјални теми како „сиромаштија“, „невработеност“, „покачување на платите“. Меѓутоа колективната меморија од катастрофалните 11 години на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, како и актуелните судски процеси се толку негативни што нивната приказна засега не е прифатлива.
Одлучува „празниот стомак а не салонската политика“
Сепак согласно непишаните правила и нашата и француската опозиција настојуваат „да си ја насочи водата кон сопствената воденица“. Меѓутоа во Франција често таквите игри се контрапродуктивни и го иритираат јавното мислење. Засега, политичките партии само ја признаваат „автономноста и оригиналноста“ на жолтите елеци и ја критикуваат владата. „Жолтите елеци„ од своја страна успееа да докажат дека еден центристички лидер како Макрон не е во состојба да управува во Франција без поголема подршка на левицата или десницата. Напротив, со својата иритирачка позиција тој ги потикна „конструктивните протести“ во кои се вклучија и Французите кои гласале за разни политички опции. Изгледа дека Андре Малро имал право кога констатирал дека „салонската политика не е толку ефикасна колку е ефикасен стомакот. Тој ги тера луѓето да гласаат за оној што им нуди поголема социјална сигурност“.