Со сведочење на 22-годишна девојка, која се возела во автобусот на „Дурмо Турс“ кој на 13 февруари годинава излета од автопатот кај селото Ласкарци, утрово во Основниот кривичен суд во Скопје започна новото рочиште за овој предмет.
Вјолца Ибраими е девојката која зборуваше за кобниот ден иако постојано посочуваше дека има трауми и не се сеќава многу на тоа што се случило. Непосредно пред несреќата, по наплатната рампа Глумово, таа почнала да зборува на телефон и, како што кажа, приметила дека нешто се случува кога автобусот удрил во првата банкина и почнале извици од патниците. Таа не посочи дека почувствувала нешто, ниту пак го слушнала шоферот дека зборува на телефон. Следното на што се сеќава оваа девојка е на моментот кога била превезувана во болница со возило од страна на локалните жители. Во истиот автомобил со неа бил и возачот на автобусот, но девојката рече дека не се сеќава дали и што зборува, туку само дека бил свесен. Човекот кој го носел во болница, рече Вјолца, постојано им зборувал на сите за да останат свесни.
По оваа девојка во судница влезе Музафер, токму човекот кој според неа, шоферот на автобусот и уште двајца патници ги пренел во болницата 8-ми Септември. Тоа биле првите пациенти кои стигнале во болница. Музафер е првиот кој ноќта дошол на местото на несреќата.
– Живеам на 100 метри од местото на несреќата. Бев во дворот и го видов автобусот како се преврте. Бев сам во дворот, одма го земав возилото, излегов и за една минута стигнав до автобусот. И детето на брат ми, кои живеат во иста куќа, излезе со уште едно возило – раскажа Музафер.
Тој рече дека не видел како се движи автобусот по автопатот, го слушнал само удирањето во банкините и го видел падот на автобусот од автопатот. Од дворот не можел да види дали е автобус или камион, но кога паднал се слушнал силен удар и се кренала голема прашина.
– Кога стигнав автобусот беше превртен на нива, видов како луѓето бараат помош. Надвор од автобусот имаше 10-15 луѓе и под автобусот имаше многу кои бараа помош. Јас го извадив апаратот за прва помош и го ставив на патот да биде при рака. Беше многу лоша слика, никогаш не сум го доживеал тоа, имаше млади деца кои бараат помош, едно на телефон го бараше татко му да дојде да му погоне а нозете му беа заробени – се присетуваше Музафер.
Прво го здогледал шоферот, но на почеток не знаел дека тој го возел автобусот, му фрлил вода и се освестил, па го кренале на нозе и шоферот влегол во автомобилот на Музафер. Седнал на првото седиште, на задните седишта седеле Вјолца и уште една девојка, а во гепек сместиле момче од Албанија.
– Возачот не зборуваше никако додека ги превезував до болница. Само ме гледаше и ме удираше по нога да возам полека, беше уплашен. Девојчето позади викаше многу, имаше повреди. Исто викаше и момчето, а јас им зборував дека за една минута ќе стигнеме во болница за да се смират. Возачот немаше крв, не видов повреди, но јас возев и не ги гледав. Видов дека е уплашен, не зборуваше, два пати како да ќе се онсвестетше, но се враќаше – рече очевидецот.
Во моментов во судница сведочи патник кој со автомобил ноќта на несреќата патувал на истата релација. Во автобуската несреќа кај Ласкарци попладнето на 13 февруари годинава загинаа 16 патници, а 37 беа потешко повредени. Во случајот обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.