Инспекција на општина Центар изминатите денови, по претходна опомена и известување, спроведе акција за отстранување на диво поставените тезги и дивите препродавачи околу „Зелен пазар“.
По опомената, дел од дивите препродавачи продолжија со продажба на индустриски и земјоделски производи на недозволено место, на пристапните патеки и тротоарите околу пазарот. Сите затекнати диви препродавачи се санкционирани согласно законите и правните регулативи.
Оваа акција се спроведува по барање од граѓаните и нивните пријави дека им е отежнато движењето и пристапот до своите влезови.
„Веќе подолго време во овој дел од Центар постои реална опасност од ширење на заразни болести, која се должи на препродажбата на производи во нехигиенски услови“, наведуваат од Општина Центар.
Акцијата продолжува сѐ додека не се отстранат сите диви препродавачи и диво поставвени тезги на „Зелен пазар“, но и на целата територија на општината каде ќе се појават. Оваа акција е во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот пазарен инспекторат, Инспекцијата на Град Скопје и службени лица од МВР.