Жителите на Матка имаат решение за сообраќајниот хаос – со мали пари може многу да се направи!

На Матка се вози бавно и нервозно, возилата вршат огромно загадување, па кој ќе тргне на излет, како во старите добри времиња, треба да се подготви за многу сериозно малтретирање. Решение за проблемот, сепак, има!

1440

Жители на селата Долна и Горна Матка се обратиле до општината Сарај, до Град Скопје и до Министерството за транспорт и врски, со дописи во кои предлагаат како за мали пари да се реши сообраќајниот хаос кој сега владее во ова наше излетничко место.

Кој скоро го посетил кањонот Матка, знае дека безмалку секој ден, а посебно во текот на викендите, ова најпознато скопско излетничко место е буквално задушено. Шоферите на линијата број 60 на ЈСП „Скопје“ не сообраќаат до крајната дестинација, не успевајќи да се пробијат низ колоните возила, на кои им е дозволено да се качат дури до малиот паркинг до браната.

Градските автобуси најчесто застануваат кај полициската станица над селото Глумово, а патниците до езерото пешачат два и повеќе километри. Тоа го користат диви таксисти, кои ги чекаат „жртвите“ уште во Глумово и ги превезуваат до Матка за сума од фантастични 400 денари.

Дополнителен проблем претставуваат многуборјните туристички автобуси, кои буквално го окупираат паркингот пред кајак-патеката. И секако, тука се безбројните приватни возила, кои го запоседнуваат секој слободен простор за паркирање.

На Матка се вози бавно и нервозно, возилата вршат огромно загадување, па кој ќе тргне на излет, како во старите добри времиња, треба да се подготви за многу сериозно малтретирање.

Жителите на двете загрозени села предлагаат привремено решение. На овој простор, веднаш до старата зграда на ЕВН, постои државна парцела под број 563 КО Матка.

Ако оваа парцела се исчисти и се пренамени во паркинг, тука би можеле да се паркираат по 10 големи и мали туристички автобуси. Уште поголем простор за паркирање би се добил ако на оваа парцела, која е во државна сопственост, се изгради катна гаража.

Жителите велат дека и опстанокот на старата зграда на ЕВН, во која сега живеат само три семејства, нема голема смисла. Семејствата можат да се обештетат, а зградата да се урне, за да се добие уште поголем паркинг простор. Со изградба на еден потпорен ѕид под кафеаната „Манастирска пештера“, пак, може значајно да се прошири сега малиот паркинг простор пред овој објект.

Матчани имаат и други идеи за сообраќајни решенија што ќе го олеснат животот и на жителите, но и на туристите. Така, на пример, тие предлагаат изградба на нов мост на реката Треска и еднонасочен пат во широчина од 4 метри, сѐ до џамијата во Шишево, со што би се создал кружен тек што битно ќе го раскомоти сообраќајот.

За жал, се има впечаток дека засега никој од надлежните не размислува како да се реши сообраќајниот метеж во кањонот Матка. Се градат нови објекти, се организираат туристички разгледи со огромни автобуси, а туристите неинформирани влетуваат во хаос.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...