Жителите на Матка веќе два месеца на температура од 39 степени често остануваат без вода за пиење и за хигиенски потреби. Тие тврдат дека дневно по неколку часа се без вода и сметаат дека ваквиот прекин е поради тоа што во соседните села се полеваат нивите и водата се троши прекумеерно. Од ЈП „Водовод“ велат дека проблемот станува поизразит летниот период оти има енормна потрошувачка на вода, но и како резултат на несоодветното проширување на водоводната мрежа.
– Најмалку четири часа и тоа во денот кога водата ни е најпотребна, ја немаме. Не можеме да си ги планираме обврските. Немаме вода да се напиеме во жештината, а за разладување и перење уште помалку. Неколку години беше во ред, но ова лето многу често снемува вода. Не го запреа дивото користење на водата за наводнување во селата. Се жалиме ама ништо – вели жителка на Матка.
Друг жител, пак, потсетува дека проблемот во еден период бел решен кога им било забрането на сопствениците на пластениците во соседните села да наводнуваат со вода за пиење.
– Тогаш имаше акција на инспекторите. Беа откриени големи цевки кои директно одеа во нивите, а сопствениците не плаќале за тоа. И сега треба да се направи истото, зашто ние ќе поцркаме без вода а нивите се зеленеат – вели тој.
Во ЈП „Водовод и канализација“ го знаат проблемот и тврдат дека е резултат големата и нерационална потрошувачка на вода во летниот период поради што се намалува притисок во мрежата за водоснабдување и водата не стигнува до повисоките населби, но и како резултат на неквалитетното и нецелосно изведување на системот за водоснабдување при проширување на населените места.
– Изминатите години наназад паралелно со проширувањето на урбанистичките планови на секоја од градските па и приградските општини, доаѓа до потреба и од проширување на нашата мрежа кон ваквите нови локалитети и притоа од страна на општините поради недостиг на финансиски средства таквите решенија за водоснабдување се изведуваат нецелосно и неквалитетно – велат од „Водовод“.
Во летниот период, велат од претпријатието, е карактеристично што жителите на селските населби трошат вода и за наводнување на нивите без да размислуваат за тоа дека некој ќе остане без вода за пиење.
– Во летниот период речиси редовна појава е жителите нерационално да ја користат водата не само за своите санитарни потреби, туку и за полевање на зеленилото, на своите ниви и слично. Поради зголемената потрошувачка на вода од системот доаѓа до намалувањето на притисокот во мрежата, и во населбите кои се наоѓаат на поголема надморска височина и кои се оддалечени од градот, ваквата појава станува сѐ почеста – додаваат од „Водовод“.
Решение на проблемот според „Водовод“ е во намалувањето или запирање на нерационалната потрошувачката во летните месеци.
– Свеста на луѓето сметаме дека е главниот фактор. Секакви рестрикции и исклучувања од системот можат да предизвикаат несакани појави – додаваат.
Од „Водовод“ велат дека имаат добра соработка со општината Сарај во однос на планирањето на хидротехничката инфраструктура, но соработката во однос на преземање мерки за подобрување на наплатата оди многу тешко а истото се случува и со апелите за внимателно тршење на водата.