„Жинзифов“ и „Вапцаров“ во Чаир прекрстени без Бадентер?!

2062

Министерот за образование Арбр Адеми незаконски ги променил имињата на училиштата „Никола Вапцаров“ и на „Рајко Жинзифов“ во „Исмаил Ќемали“ и во „Имри Елези“, тврдат за Плусинфо советници од Советот на Општина Чаир од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Тие велат дека ниту имало точка на дневен ред за промена на имињата на училиштата, ниту статутарна одлука за имињата на училиштата, ниту пак, тие со Бадентерово мнозинство дале поддршка да се сменат имињата.

Исмаил Ќемали е албански политичар и дипломат, еден од најзначајните во времето на основањето на независна Албанија. Имри Елези, поак, е припадник на ОНА кој загина во војната во 2001 година.

Министерот Адеми на Фејсбук синоќа се пофали дека се променети имињата на двете училишта во Чаир . Како поткрепа за смената на имињата на училиштата Адеми објави решение и документ од Централен регистар.

Проблемот со промената на имињата на училиштата во Чаир трае речиси 10 години. Советот на Општина Чаир гласаше за промена на овие имиња уште во 2012, но советниците Македонци тогаш спореа дека одлуките за промена на имиња се донесени без потребното Бадентерово мнозинство. Тогаш реагираше и инспекторатот за локална самоуправа, кој ги оспори одлуките бидејќи не биле донесени со Бадентерово мнозинство. Во меѓувреме, беа поставени и нови табли, но административно во документите сѐ уште стоеја старите имиња.

Адеми пак, вчера на Фејсбук објави:

Откако ги потпишав потребните документи, прашањето со имињата на училиштата во Чаир конечно е затворено.

Незаконски се сменети имињата на двете училишта. Ниту е ставена точка на дневен ред за промена на имињата на училиштата, ниту е донесена статутарна одлука, ниту е помината со Бадентерово мнозинство. За да се смени било што мора да има статутарна одлука. Таква нема. На седницата на Советот не ни беше дадена на увид никаква одлука за промена на имињата на училиштата. Прво, Управен одбор на училиште треба да донесе одлука за промена на име на училиште, потоа одлуката треба да помине на Совет. Такво нешто пред нас, како советници, не беше доставено – ни изјави советничката Марија Веловска Кондовска од СДСМ.

Таа вели дека откако ќе се координираат, советниците ќе реагираат на „незаконската постапка на министерот Адеми“. Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Ѓоко Велковски додава дека Советот на Чаир на шверцерски начин донел промена на имиња на училишта, без Бадентерово мнозинство.

Според документот кој на Фексбук го приложил Адеми, решението за давање согласност на статутот основното училиште „Имри Елези“ е од 31.12.2019 година, на самиот дочек на Нова година. Во образложението е наведено дека до МОН е доставено барање од училиштето „Емри Елези“ на 31.01 2020 година, за добивање на согласност на статутот, како и позитивно мислење на статутот на училиштето од 28.01. 2020 година и одлука за усвојување на статутот од 31.12.2019 година.

Документи се приложени и за училиштето „Исамил Ќемали“.

Министерот Адеми не одговараше на телефонските повици и на смс-пораките на редакцијата на ПЛусинфо, за да ја објасни ситуацијата.

Според информации од советниците Македонци, на 28.01.2020 година на Советот на Чаир биле ставени на гласање статутите на училиштата, меѓу кои и на „Рајко Жинзифов“ и на „Никола Вапцаров“, годишните програми за работа на училиштата како и програмите за екскурзии. Но, тие тврдат дека точки на дневен ред за промена на имиња на училишта немало. Советникот од ВМРО-ДПМНЕ , Велковски, вели дека двајца од четирите советници на ВМРО-ДПМНЕ кои биле на седницата гласале против точките на дневен ред.

Од Општината претходно тврдеа дека одлуки за промена на имињата на овие училишта се поминати во Совет на општина Чаир.

Со ова, продолжува сагата со смената на имињата на четирите училишта во Чаир . Две од четирите училишта се со променети имиња – „Цветан Димов“ стана „Хасан Приштина“, а „Јане Сандански“ се прекрсти во „Јашар бег“. Министерот Адеми сега ги смени и „Рајко Жинзифов“ во „Исмаил Ќемали“, а „Никола Вапцаров“ во „Имри Елези“.

Фото: Алсат

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...