Денешната македонска современа историја во многу нешта е уникатна низ целиот „транзициски архипелаг“: тоа жарновски речено е неподнослива приказна за „чистиот неуспех“, односно нашата приказна е приказна за неуспехот; за разлика од оние земји кои тргнаа по сличен пат како нашиот, дури и со многу полоша стартна позиција, а денес се во Европската Унија, што би значело дека не е важно „само по себе“, колку што е јасен показател за достигнатите стандарди: политички, економски и културно-цивилизациски.
Имено, денес Северна Македонија повторно се наоѓа на крстопат, а изборите во оваа земја се повеќе од вонредни, па затоа и се помалку од избори. Нека за тоа мисли оној што за мислење е предодреден, ако смее макар на себе да си ги признае овие заклучоци.
Во некои нормални, конвенционални демократии, претседателските избори не се одржуваат со ваков напон од нервни фрустрации, и во меѓувреме кандидатите се обидуваат да бидат инспиративни, доследни на своите вредности за кои се залагаат, само за да успеат да го освојат мандатот. Во цивилизираните, напредни демократии постои претседател на држава, најчесто со скромни, главно со церемонијални уставни надлежности. Некои претседатели, пак, се бираат во парламентите, а некои се бираат на непосредни избори. Мандатот на претседателот или претседателката има свој, посебен календар, сосема независен од календарот на извршната власт, и обично, ама за тоа знаете и сами, најчесто трае пет години.
Личноста на тоа место може, ама и не мора да ѝ припаѓа на истата политичка опција на која ѝ припаѓаат некои актери од извршната власт. Подеднакво е возможно, реално, легитмно и легално да претседателот на државата биде од опозиционата партија, или да биде партиски независна личност. Зошто, почитувани, ви ги набројувам работите кои треба да се подразбираат? Затоа што ништо од ова погоре во Северна Македонија не важи.
Да бидеме реални, Стево Пендаровски ниту според својот формат, ниту според својот политички хабитус не е класично партиски човек. Знаете сите многу добро што значи да се биде партиски човек: свирнеш ли на свирче, ете ги, како споени садови, ќе ти дојдат еден куп фаланги, а дали биле од едниот или од другиот политички предзнак, сосема е неважно.
Да бидеме уште пореални, Груевски многу сакаше избори, штом беа повеќе чести и повонредни, дотолку за него подобро. Под услов, се разбира, тој-и-само-тој строго ги контролира условите на кои тие ќе се одржуваат. Кога велам „услови“, тоа буквално значеше сѐ: целокупна политичка, општествена, медиумска атмосфера; тоа значеше целокупна рамка на јавно делување на сите актери.
Во времето на Груевски се подразбираше и тоа, за да бидеш кандидат за претседател, ти мора да ѝ бидеш по волја на извршната власт, всушност мора да ѝ бидеш по волја на најголемата партија на власт, односно да му бидеш по волја на Никола Груевски лично. Ако му спомнеше некој на Груевски да биде некој од друг и различен, тој секогаш ѝ се закануваше на Македонија дека ќе ја лиши од сопствените услуги, па тогаш кутра фино-лепо самата нека се снаоѓа. Уставот на Република Северна Македонија не предвидува да се има „фикус“ за претседател, односно Груевски ни тука не се коцкаше – како впрочем и во сѐ друго – одважно се потпираше на својот инстинкт, вкус, потреби, желби, идеосинкразии и расположение.
Сѐ ова погоре мораше да се искаже како контекст само како би се обиделе да ја сместиме денешната приказна – за која можеме и овој пат да кажеме дека Стево Пендаровски е кандидат на СДСМ, ама исто така, ако сакаме да бидеме фер, треба да кажеме дека нема партија во оваа земја што не би ги посакала Стево за свој кандидат.
Сакам да кажам, ако не можеш да ги преспиеш или прескокнеш овие избори на кои не гледаш ништо за себе, тогаш секогаш е најдобро да ги придвижиш работите и гласаш за оние кои се најблиски до твојата најблиска вредност, без разлика што си нешто длабоко и „метафизички“ навреден. Навреден си затоа што денешните околности се далеку „понормални“; сепак ова се редовни претседателски избори и некој од тројцата кандидати ќе биде претседател, без разлика дали ти тоа го сакаш или не. Добро, во право се и оние кои велат дека во оваа земја општите избори се толку чести колку што се чести и годишните општински здружувања на нумизматичари, а дури не се запазува ниту онаа единствена лигитимна работа во која ти одиш на избори само заради една цел, а таа е – да си го провериш својот легитимитет, а не да се одржува вечна тензија на вечно непрогласено, но сепак, перманентно медиумско насилие во кое сѐ треба да се подреди под една слива, и да се препуштиш можеби на најдостоинствените и најмудрите меѓу нас, оние кои од ништо не се плашат, и оние на кои ништо не им е тешко.
Освен што му беше тешко да излезе од опколената тврдина, Груевски беше брутален во своите говори. Денес, пак, гледаме, состојбата е сосема поинква. Хистерична е, но не е толку брутална. Не е толку фрагментирачки убиствена.
За волја на вистината, сите ние во македонското општество ги пропуштивме „последните“ прилики кон сѐ ова погоре искажано да се одредиме: одговорно да ги извлечеме консеквенците; ако ја пропуштиме и оваа прилика, кој знае кога следна шанса ќе ни биде пружена.
Добро, стигаат претседателски избори, ама зарем нели многу брзо ќе ни стигнат и предвремени парламентарни избори? Сосема сигурно е тоа, ама сепак, тоа е така затоа што многу луѓе клучната работа ја пропуштаат: изборите секојпат се сѐ повонредни, а сѐ помалку избори. Нека за тоа мисли оној што за мислење има, додека е консеквентен да ги прифати елементарните заклучоци.