Спроведувањето на процесот на интегриран самоодржлив регионален систем за управување со отпад за секој од планските региони е многу комплексен и бара голема посветеност од сите чинители, одговори Министерството за животна средина на апелот на народниот правобранител да се интензивираат работите со управување со отпадот, посебно изградбата на регионалните депонии, и со тоа да се спречи понатамошната опасност од загадување на животната средина.
Ова прашање, како што стои во одговорот, е еден од врвните приоритети на Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата при што самиот процес се води во тесна координација со единиците на локалната самоуправа.
„Обврската за управување со комуналниот отпад, вклучувајќи го и управувањето со регионалните депонии е обврска на единиците на локалната самоуправа. Истите, соочувајќи се со ниски капацитети (и технички, и финансиски) за самостојно да го воспостават наведениот систем, и бидејќи општините во сите региони на државата не ги исполнија обврските кои произлегуваат од Законот за управување со отпад, односно бидејќи општините по соодветните региони не се организираа во законскиот рок да основаат депонии за комунален отпад во согласност со законот, Владата донесе одлука за преземање на обврската од општините во одделни плански регион и започна да го спроведува процесот за основање на регионални депонии во согласност со Планот за управување со отпад“, појаснуваат од Министерството.
Со средства од Европската Унија, се веле понатаму во одговорот, во изминатиот период подготви проектна и тендерска документација за воспоставување на регионален систем за управување со отпад за 6 региони и тоа Источен и Североисточен, Скопски, Вардарски, Пелагонија и Југозападен регион.
„За Источниот и Североисточниот регион веќе се обезбедени средствата во висина од приближно 43 мил. евра и интензивно се работеше со сите 18 општини кои треба да го формираат заедничкото јавно меѓурегионално претпријатие за управување со отпад, кое ќе стопанисува со идната регионална депонија. Во рамки на овој процес, планирано е и затварање на нестандардните депонии/диви депонии и набавка на опрема за собирање и транспорт на отпадот за овие два региони. Следната година овие два региона ќе ги затворат сите диви депонии и ќе добијат современа опрема за собирање и транспорт на комуналниот отпад за кои тендерските постапки се во тек. Исто така, наредната година ќе се објави и повик за изведувач на градежните работи за изградба на регионалната депонија и претоварните станици за овие два региона, а сето тоа ќе биде финансирано со грант од Европската Унија. Дополнително, ќе биде обезбедена и техничка поддршка на општините од двата региона за ревизија на регионалните планови за управување со отпад, ќе се организираат кампањи за подигање на јавната свест на населението, градење на капацитетите на меѓурегионалното претпријатие за управување со отпад и јакнење на капацитетите за инспекциски надзор“, стои во одговорот.
По однос на Полошкиот регион, потпишан е билатерален договор помеѓу Владата и Владата на Швајцарија во висина од приближно 9 милиони швајцарски франци, врз основа на кој почна со изведба шест годишен проект кој има за цел изработка на потребната планска документација за воспоставување на регионален систем за управување со отпад, рехабилитација на регионалната нестандардна депонија Русино, како и зајакнување на техничките капацитеи на општините од овој регион.
Паралелно се одржуваат редовни состаноци со градоначалниците од Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Југоисточниот регион по однос на донесените плански документи.
Од Министерството за животна средина, се согласувааат со констатацијата дека правото на граѓаните за здрава животна средина и заштита на здрајвето преставува една од основните загарантирани уставни права.
„Во таа насока, по однос управувањето со отпад, Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање со здружени сили им помагаат на општините да ја надминат состојбата со несоодветното управување со отпадот“ велат од Министерството.
Министерството заклучува дека е потребно време и голема посветеност на сите чинители за да се реализираат зацртаните планови и проекти, и Ве уверуваме дека сите со заеднички напори ќе продолжиме да работиме на подобрување на состојбата со животна средина.