Последната анкета на јавното мислење на младите Европејци на возраст помеѓу 16 и 26 години открива дека животната средина, миграцијата и економијата се за нив главните преокупации и оти веруваат во европската идеја.
Според анкетата на ЈуГов, 45 отсто од младите биле политички активни во каузи поврзани со заштитата на животната средина и сметаат дека заштитата на климата е интегрален дел од политичката агенда. Младите во Европа оценуваат и дека покрај животната средина, миграцијата и економијата се клучни проблеми.
Што се однесува до претстојните избори за Европски Парламент, младите се повеќе заинтересирани за националната политика отколку за европската, но и натаму веруваат во Европската Унија.
Околу 50 отсто од младите сметаат дека претстојните избори се важни, наспроти 73 отсто кои сметаат дека националните избори се важни.
– Младите луѓе јасно формулираат желба европските земји да се приближат, меѓутоа тие не веруваат дека тоа ќе се случи. Оваа генерација е природен сојузник на оние кои веруваат во Европа како политички проект, вели Елке Хлавачек, директорка на Фондацијата ТУИ, нарачател на студијата на ЈуГов.
Во просек во ЕУ, 58 отсто од младите сметаат дека демократијата е најдобар модел на владеење. Највисока поддршка за демократија има во Грција со 73 отсто, Германија и Шведска со 66 отсто и Данска со 55 отсто. Најниска стапка на поддршка за демократијата има во Франција, Италија и Полска.