Жетоните на моќта

Разбирам, сѐ разбирам. Мораше да најдеме начин, да пружиме рака едни на други, да ги оставиме калливите чизми зад нас и макар боси, да зачекориме кон иднината. И направивме многу чекори кон неа, онака боси, уморни, но со големата слика во зениците на очите, со трите букви на усните.

1650

Сѐ можам да разберам. Живееме во мала земја. Малку луѓе живеат во оваа наша мала земја. Одмаздата само раѓа нови неправди. Патот до помирувањето е подобар од патот на омразата и поделбите. Помирувањето подразбира простување. Простување во правото значи амнестија. Разбирам. Треба да ја гледаме големата слика, а на големата слика се напредокот, правдата, човековите права, слободата, безбедноста, благосостојбата…

Исправете ме ако грешам, ама на големата слика сѐ уште доминираат ликовите против кои се боревме. Навистина, малку се заматени и намалени, ама само малку. И на секој чекор ме потсетуваат на своето тешко и смрдливо присуство. Со сметките за топлинска енергија што не ја користам, со сметките за струја, вода, други давачки… Со вестите за оние што гнијат по затвори, затоа што апсурдниот судски систем само морал некого да пикне в затвор. Со солзите на работничките и работниците, немоќни пред газдите што се фалат дека пијат кафе со најмоќните луѓе во државата. Со ТВ програмите. Со тоа што ја претставуваат нашата земја во Европа и во светот, а треба да бидат во судница.

Да набројувам ли уште или веќе е сосема јасно зошто не можам да ја видам големата слика? Зборувам за големата слика поради која, со трите букви на усните, јуришавме на режимот со бои, слогани, хумор и сатира, поезија… Јуришавме и во името на нивните закрепостени апаратчици кои, со треперлив шепот, нѐ молеа да ги ослободиме од ропството на деспотот што сега дава километарски интервјуа во хотелски соби, чие лице е покриено со лоша пудра.

За тоа време, истите тие нѐ прислушуваа, издаваа наредби за тепање, апсење и судски прогони. Нарачуваа јавен линч кај сега препарираните и префарбаните медиумски мегафони. Се богатеа како султани и уживаа во раскош и разврат каков што ни Калигула не можел да си дозволи. А деца умираа по болничките ходници (и сега не е нешто поинаку), луѓе пакуваа куфери и купуваа билет во еден правец, мајки и татковци ги кршеа прстите и слегнуваа со рамената…

Разбирам, сѐ разбирам. Мораше да најдеме начин, да пружиме рака едни на други, да ги оставиме калливите чизми зад нас и макар боси, да зачекориме кон иднината. И направивме многу чекори кон неа, онака боси, уморни, но со големата слика во зениците на очите, со трите букви на усните.

Но… Подадената рака наиде на широко отворени челусти, со три реда заби, како ајкули. Тоа што сите ние го добивме на улиците, оние што добија моќ да говорат во името на сите, го изгубија на масата со зелена чоја, зад затворени врати. Заиграа покер со нашите надежи и сништа, а кога партијата се заплетка, решија да одат на пата-пата, да си ги поделат жетоните на моќта што беа на куп, среде масата.

***

„Види, си згрешил многу, си крадел и грабал, си тепал и шпионирал илјадници луѓе, си нарачувал убиства, си местел судии, си ја заробил државата… Треба да одиш в затвор до крајот на животот. Врати ги двете милијарди за кои сигурно знаеме дека си ги украл и одлежи десет години, во име на помирувањето!“

„Неее, не се две милијарди! Една и пол милијарда се! И те молам, не сакам да одам в затвор десет години, дај разбери, ќе умрам таму!“

„Тоа се затвори што ти си ги направил место за умирање. Јас ќе ги реновирам и, во име на помирувањето, ќе прифатам дека се една и пол милијарда, иако знам дека лажеш. Во Хашките соби ќе одлежиш пет години, ќе излезеш јавно да признаеш и да ветиш дека нема повеќе да се занимаваш со политика. Нека остане запаметено дека, во името на помирувањето и напредокот, во името на сите што јуришаа на твојот режим и го урнаа без капка крв да пролеат, си добил вистинска животна премија! Од ова нема да добиеш ни трошка милост повеќе! Ене ја вратата, излези, не сакам да бидам во иста просторија со тебе!“

***

Не. Не се случи тоа. Добија слобода, а згора на тоа и тендери. А нивните гниди останаа во системот и во нашите животи. На големата слика.

ПС. Оваа колумна им ја посветувам на сите што ги ризикуваа и сѐ уште ги ризикуваат своите животи, за да се спроведуваат законот и правдата. Им благодарам. Додека на зелената чоја се делат жетоните на моќта…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...