Жерновски: Добиваме нови 6 милиони долари по основ на сукцесијата од СФРЈ

269
По четиригодишна пауза, денеска во Загреб се одржа петтиот состанок на Постојаниот мешовит комитет за примена на Спогодбата за сукцесија на поранешна СФРЈ, на којашто учествуваше заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, кој е назначен за висок претставник на Република Северна Македонија во овој Комитет.

Тој го изнесе интересот на Македонија за доследна примена на претходно усвоените препораки на овој Комитет, инсистирајќи да се забрза процесот на поделба на дипломатско-конзуларниот имот на поранешна СФРЈ, потоа да се разгледаат и да се уредат прашањата со распределба на финансиските обврски и побарувања на поранешна СФРЈ, да се интензивира процесот на поделба на архивите, како и генерално да се унапреди и забрза работата на овој комитет како надлежен за ефикасна имплементација на Спогодбата за прашањата на сукцесијата.

Жерновски истакна дека постојат евидентни резултати по однос на примената на Анексот Б, кој се однесува на поделбата на дипломатско-конзуларните имоти на поранешна СФРЈ. Македонија очекува добивка од околу 4 милиони американски долари од продажбата на објектот на резиденцијата на СФРЈ во Њујорк, објектот на Амбасадата на СФРЈ во Бон, Берн и Мисијата на СФРЈ во Њујорк.
– Ме радува податокот дека пред една недела е постигнат договор во рамките на Комитетот за Анексот В, за поделба на депозитите во „Адриа Банка“ во Виена. Учеството на Србија во депозитите е намалено од 38% на 20%, на сметка на претходно еднострано користење на депозити од оваа Банка. Република Северна Македонија се очекува да добие околу 2 милиони американски долари од оваа распределба – изјави Жерновски.
Следниот состанок на Постојаниот мешовит комитет ќе се одржи во јуни наредната година во Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...